БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Предавството го стигна на неговиот револуционерен пат кај кочанското село Рајчани

Пренеси го гласот

Пред 119 години во 1905 година на денешен ден 27 април згаснува животот на претседателот на првата република на Балканот Никола Карев.

Социјалист по убедување 26 годишниот Карев во 1903 година со целата своја младешка бунтовност но и голем и цврст карактер се исправил пред лицето на историјата за да застане на чело на Горскиот штаб кој што со нат 750 востаници се кренале против моќната Отоманска империја и ја создале 11 дневната Крушевската Република.

Овој историски чин и покрај неговото крваво загушување претставува силен зрак светлина за следните генерации Македонци кои се изборија за создавање на слободна и независна Македонска држава прво во лицето на АСНОМ-ска Македонија во 1945 година а подоцна и суверена и независна Република Македонија во 1991 година.

Никола Карев, е роден во Крушево во 1877 година како четврто дете во сиромашно семејство на Каревци кои се занимавале со трговија на јаглен. На 15 годишна возраст го прекинува своето школување и поради сиромаштијата започнува да работи дрводелска работоа како столарски чирак. Во 1895 година го напушта своето родно Крушево и заминува на печалба во Бугарија. Таму работи како ѕидар во работилницата на Велешкиот столар и основач на Македонската социјалистичка група, Васил Главинов.

Во Крушево се враќа во септември 1899 година и се зафаќа со докомплетирање на своето образование. Поради полагањето на завршниот испит во јуни 1900 година, Карев не учествува на Првата социјалистичка конференција во Македонија. Една од одлуките на конференцијата била македонските социјалисти да влезат во редовите на ТМОРО. Социјалистите, вклучително и Карев, во Организацијата се примени во февруари 1901 година.

Во јуни 1901 година завршува четврти клас во Битолската класична гимназија и во учебната 1901/1902 станува егзархиски учител во крушевското село Горно Дивјаци. Следната учебна година е префрлен на работа во Крушевската прогимназија.

На чело на Крушевскиот револуционерен комитет застанува во јануари 1903 година. Учествува на Смилевскиот конгрес во мај истата година и се спротивставува на решението за кревање на Илинденското востание, сметајќи дека народот сè уште не е доволно подготвен да се крене на востание.

Сепак, по одлуката за кревање востание, во својство на началник на Горскиот штаб, Карев активно учествува во подготовка и организација на востанието. Спроти востанието, тој, во име на Штабот, објавува Проглас во кој го повикува народот на востание. Ноќта на 2 август 1903 година околу 750 востаници, предводени од горскиот началник Никола Карев, го нападнале и го ослободиле Крушево.

За време на востаничката власт во Крушево, Карев е на чело на Штабот на крушевските востаници и не врши ниту една од функциите во новоизбраните цивилни органи на востаничката власт. Сепак, фактички, тој бил на чело на новата востаничка власт, поради што му се припишува функцијата претседател на Крушевската Република.

Помеѓу поважните одлуки што ги донесе Карев е упатувањето на Крушевскиот манифест до муслиманско население во кое братски се повикуваше да ја поддржи и да ја помогне борба на сите обесправени во Македонија.

Со паѓањето на градот во османлиски раце, тој со своите соработници се повлекол во околните планини на Крушево, а кон средината на ноември 1903 година се префрлил во Белград, а оттаму во Софија. Во Софија, Карев ја обновил својата активност и учествувал во формирањето на Македонско-одринската работничка социјалдемократска група во 1905 година, како огранок на Бугарска работничка социјалдемократска партија.

По неуспешните обиди легално да се врати во Македонија, пролетта 1905 година, Карев решил да го стори тоа илегално. За Македонија тргнал со товар литература и со намера да се оддаде на социјалистичка дејност. На 26 април 1905 година, неговата чета на пат за Крушево преноќила во селото Рајчани, помеѓу Кочани и Пробиштип. Но, тука четата била предадена и веднаш била опколена од турската војска.

Следниот ден, на 27 април, во нерамна борба со турскиот аскер, кај месноста Свиланово, загинал Никола Карев, заедно со повеќе борци од неговата чета.

Улогата на Никола Карев во современата Македонска национална историја го има едно од централните места врз чии што темели сегашните и идните генерации ќе ја градат Македонија како дел од европското семејство на независни и суверени држави.

Посмртните останки на Никола Карев денес почиваат во Спомен обележјето на Илинденското востание, споменикот Македониум над Крушево од 1991 година.

Креирано од:


Пренеси го гласот