Високите летни температури во Македонијава наша зафатена во постизборна ерупција создава привид на некои луѓе дека ќе ги одмине раката на правдината и тие ќе си продолжат да си бидат мртов баласт околу вратот на народното секојдневие и понатаму.
Не се ретки приказните како по кафеани, кафичи и останати места за социјализација се креира наратив и политика за тоа што требало да направи новата власт, министрите, премиерот…. И тоа не е штетно како појава, затоа што сеирџиството отсекогаш било “јака” страна на нашиот народ…
Загрижува фактот што во таквите приказни се помалку го има обичниот Македонски човек, а главниот збор го имаат институционалните пацови кои што како преостаната доминантна гласачка машинерија цицаат од парите на институционалните буџети без некоја особена развојна улога на нивното несуштинско постоење. Веќе знам еден мал милион проблеми со кои се соочуваат новите министри низ владата, наидувајки на неработници, калкуланти, политиканти и кодоши кои “ускачаат” како крлежи да се додворат на новата власт, пренесувајки ги сите постоечки и непостоечки “криминали, постапки и аномалии” на претходната власт.
Од искуство можам да кажам дека при секоја ротација на раководни структури во определена институција најголемите крлежи (неработници, кодоши, профитери) први се лепат на новите раководители за да си обезбедат простор за свои идни маневри кои треба да им обезбедат да живеат и “работат” како до сега. Во полетот (првите неколку месеци па и до година дена) на новата власт тие ќе се прикажуваат себеси за најфините, најспособните, најработните преку вербални шпекулативни инструменти кои им стојат на располагање, додека суштински работата во определена институција ќе си ја работат неколкумина луѓе за се кои што од овие првите ќе бидат квалификувани како будали и негативен пример како не треба да се работи, затоа што им ја загрозуваат нивната комотна позиција и приказ на неработници.
Времето во воспоставување на било која нова власт е своевиден непријаел кој работи на штета на секоја намера за подобрување на состојбите во државата.
Ако новите министри, директори, раководители не се свесни за постоењето на шпекулантството во редовите на гломазниот институционален апарат од првиот ден на нивниот мандат, ќе загубат 6+ месеци минимум додека почнат да ги увидуваат штетите предизвикани од нивната игнорантност на ваквата појава. И потоа почнува да биде касно за да се променат работите, зошто веќе доаѓаат наредните избори, а во предизборен период токму шпекулантите господарат со јавниот наратив имајки предвид дека секој еден глас е важен на изборите.
На тој начин Македонија е заробена во еден бесконечен круг на повторување на истите грешки и аномалии што не можат да се надминат од било кој поединец кој што е свесен за постоењето на овој маѓепсано-непрокопсан круг на нашата колективна глупост.
За справување со ваквиот пеколен систем изграден со децении наназад во порите на системот кој декларативно го нарекуваме демократија а во суштина е проклетократија во нашата Македонија, потребна е организирана политичка волја и решеност да се расплетка овој гордиев јазол кој што ги брка способните интелектуалци/работници/креативци од државата а на нивно место протежира паразити кои ќе дојде многу бргу време сами себе да се изедат ако не се превенира и сериозно надмине ваквата состојба.
Спроведувањето на принципиелна правда е само еден сегмент во справувањето со оваа широко распространето малигно ткиво во нашата разнишана државност. Потребно е повторно дефинирање на еден високо вредносен морално-општествен систем кој што ќе изгради силни механизми за афирмација на луѓето кои носат прогрес, работа и иднина.
Тоа што голем број на институции не можат да земат плата од први до први во месецот е само врв на сантата мраз под кој што постои длабоко-смрдлива тиња на неукост, малограѓанштина, мрзеливост, криминал, корупција, непотизам,…
Носењето на одлуки на било кое ниво на власт мора да има институционален карактер, со јасно изградени норми и стандарди. Во моментот кога ќе се направи било каков барем еден компромис на штета на општо прифатените норми тогаш започнува падот на било која власт. Штетата од калкулациите на своевидни меритократи на позиција на власт врз општествените прилики се со несогледливи последици во таков случај, па оттука секој извршен функционер на јавна дејност има историска улога да се вгради себеси во аналите на историјата на својот народ. Дали по лошо или по добро, сепак тоа е во рамки на неговиот личен избор но и можности.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Шарената револуција никогаш не згасна: Истите шарени револуционери денес се обидуваат да ја украдат тагата на цела една нација
Не треба да дозволиме црнината на нашите души да не вовлече во уште поголема темнина, од која овојпат нема да има враќање
Силен финансиски импут за локалните самоуправи како никогаш до сега! Дали ЕЛС имаат капацитет со овие пари да обезбедат соодветен одржлив развој на локалните заедници?