Вторник 20.05.2025 година во село Разловци, Општина Делчево се одржа централната манифестација за одбележување на 149 годишнината од кревањето на Разловечкото востание. Со низа на настани во организација на НУЦК “Никола Јонков Вапцаров” од Делчево, под покровителство на Министерството за култура и туризам во соработка со голем број на останати институции, граѓански организации и поединци на горд и достоинствен начин во срцето на Пијанечко-Малешевскиот микрорегион, беше одбележан овој значаен датум кој што претставува камен темелник на Македонската историја и воопшто Македонскиот национален идентитет и постоење.
Уште еднаш гордите потомци на славните разловчани што го развеаа знамето на Македонското револуционерно будење за слобода на Македонија во 1876 година, беа домаќини на голем број на гости од целиот регион и поширокко.
Најавата на настанот за одбележувањето на 149 годишнината од разловечкото востание започна уште за време на изминатиот викенд кога беше организирана и реализирана планинарска тура од село Разловци до месноста Калаџерџево каде што се одржувани советувањата на востаничкиот комитет во пролетта 1876 година.
За првпат во историјата на одбележувањето на датумот на кревањето на Разловечкото востание на највисоко ниво присуствуваше и учествуваше висока владина делегација предводена од Премиерот на Република Македонија проф. Д-р Христијан Мицкоски. Во присуство на Премиерот Мицкоски во село Разловци беа и Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, Министерот за локална самоуправа Златко Перински и пратеникот во Македонското сособрание Драган Ковачки.
Овој историски чин на верификација на значењето на Разловечкото востание за самобитноста на Македонската државност од страна на највисоките државни органи на чело со Премиерот Мицкоски ќе остане запаметен и по презентацијата на обемната техничка документација за целосна реконструкција на Спомен домот на Разловечкото востание, што беше иницирана минатата година на 18 мај 2024 година од страна на самиот Христијан Мицкоски- тогаш мандатор за составување на новата Македонска Влада, при неговата прва посета на славното Разловци.
Комплетно-изработената проектна документација беше презентирана пред Премиерот, Министрите и јавноста од страна на Координаторот на работната група која беше задолжена за изработката на предлог концептот за реконструкција на Спомен домот на Разловечкото востание во село Разловци со што започна целата постапка за реконструкцијата на овој значаен објект од културно наследство, М-р Александар Јорданоски- Раководител на одделението за музејска дејност и нематеријално културно наследство во Министерството за култура и туризам, како и Цветанка Хаџи Пецова- Директор на НУ “Нaционалниот Конзерваторски Центар” на Република Македонија.

Како што истакна пред Премиерот Мицкоски, директорката на НУ “Национален Конзерваторски центар” Цветанка Хаџи Пецова во проектот за кој што претходно беше изработен предлог концепт од страна на работната група, станува збор за целосна реконструкција на Спомен домот на Разловечкото востание до неговата оригинална архитектонска форма, заедно со музејско-етнолошка поставка, мултимедијални содржини, сувенирница, историска библиотека, картографски материјали и историски фото документаристички материјали.

Во дворот на Црквата Св. Цар Константин и Царица Елена во село Разловци се одржа централниот настан за одбележувањето на 149 годишнината од кревањето на Разловечкото востание на кој свое обраќање имаше Премиерот на Македонската влада Проф. Д-р Христијан Мицкоски.
-Денес стоиме исправени пред времето и пред историјата, пред споменот на храбрите од Разловци – првите што повикаа на слобода, достоинство и национално будење во мај 1876 година. Тие не чекаа дозвола да сонуваат, тие станаа и се бореа. Иако востанието беше задушено, неговиот пламен не згасна, се прелеа во Илинден, во НОБ, во независна Македонија. Нe научија дека „подобро еден ден слободен, отколку целиот живот во ропство, рече пред насобраните разловчани Премиерот на Македонската влада Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека таа борба не е завршена, бидејќи денес се бориме против заборавот, разединетоста, иселувањето, корупцијата и нападите врз идентитетот.
-И затоа, должни сме како некогаш хероите од Разловци, да не се предадеме, да не молчиме и да не се двоумиме кога е време за дело. Да ја чуваме Македонија не само на мапа, туку во срцето. Да градиме со знаење, солидарност и чесност.Нека живее споменот на Разловечкото востание!
Нека живее Македонија – вечна, слободна и горда, додаде Мицкоски.
На настанот свое обраќање имаше и Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и Директорот на НУЦК “Никола Јонков Вапцаров” Делчево.


Модератор на програмата беше Билјана Петровска- Директор на ЈЛБ Илинден Делчево.
Во рамки на настанот делегација на Владата на Република Македонија предводена од Премиерот Мицкоски ја посетија црквата Св. Цар Константин и Царица Елена и положија букет свежо цвеќе пред гробовите на свештени лица кои биле дел од Разловечкото востание под тремот на црквата Св. Цар Константин и Царица Елена, како и делегации на останати институции пред спомен плочата на Поп Стојан- духовниот водач на востанието.


Во културно-уметничкиот дел од манифестацијата настапија локални фолклорни друштва а беше прочитан и пригоден реферат од страна на ученици од ООУ “Ванчо Прќе” од Делчево.

Целата наша фото галерија од настанот може да ја погледнете на нашата фејсбук страница:
Нашиот видео пренос од настанот е достапен во сл. видеа:


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
По хуманитарната балетска претстава во Кочани: „Ballet Magnificat“ на средба со градоначалникот на Кочани Владко Грозданов
Библиотеката „Искра“ во Кочани го одбележа 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право
Планинари, граѓани и службени лица на армијата и полицијата ќе маршираат заедно во чест на 150 годишнината од Разловечкото востание