БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Спортската сала во гимназијата во Делчево како партиска своина на СДСМ. Ќе има ли одговорност?

Пренеси го гласот

Претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Делчево, Горанчо Тодоровски на партиска прес конференција ги прозва локалните власти во Општината за прекршување на законот за средно образование при минатонеделното одржување на партиска трибина ви спортската сала при СОУ “М.М. Брицо” во Делчево.

Во продолжение во целост ја пренесуваме неговата прес конференција:

“Почитувани сограѓани,
Патувачкиот театар наречен „На прав пат“ во четвртокот беше и во нашиот град. И за волја на вистината, истиот предизвика голем интерес во соседните општини и Делчево беше полно со туристи.

Актерите на истиот, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, директорот на ЈПДП Зоран Витанов и градоначалникот на Делчево Горан Трајковски по којзнае кој пат на делчевчани им раскажуваа бајки за тоа колку убаво и раскошно се живее и колку многу тие направиле за граѓаните во нашиот град. Меѓутоа, тие си заминаа, но апатијата и сивилото во градот СТОО. Во целата таа лажна еуфорија, се чудам како заборавија да кажат дека и спортската сала во која ја одржаа трибината ја направиле тие.

Но, да го оставиме сега сето тоа на страна.

Денес ќе се осврнеме на нешто друго!
Јавно прашуваме:

Кој дозволил трибината „На прав пат“ во организација на СДСМ да се одржи во спортската сала на СОУ „М.М.Брицо“ Делчево?
Доколку е тоа директорот, дали истиот знае дека тоа е спротивно на член 7 од Законот за средно образование, според кој:„Во средното училиште е забрането секакво политичко и верско организирање и дејствување и е забрането истакнување на партиски и верски обележја“ и за кое прекршување на законот е предвидена глоба од 1.600 евра за средното училиште и глоба во износ од 30% од одмерената глоба за директорот на средното училиште.

Го повикуваме државниот просветен инспекторат да постапи согласно со законот за средно образование, односно да излезе на терен и да ја утврди повредата на законот од страна на директорот, да одмери согласно на законот и да му достави извештај со предлог мерка оставка од функцијата директор.

Го повикуваме директорот Прачкоски да покаже доблест и да поднесе оставка од функцијата директор, од морални причини.

Го повикуваме претседателот на училишниот одбор на СОУ „М.М.Брицо“ Делчево да свика седница на училишниот одбор на која ќе донесе заклучок и ќе достави предлог за разрешување на директорот до градоначалникот.

Одговорност мора да има. Законите мора да важат подеднакво за сите.

Исто така:

Го прашуваме градоначалникот Трајковски дали ќе покрене постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против директорот на ООУ „Ванчо Прќе“, г-нот Велков, и против директорката на ЈЛБ „Илинден“, г-ѓата Петровска, кои на ден 14.11.2019 година, за време на работното време спроведуваа партиска пропаганда и по социјалните мрежи ги повикуваа граѓаните да присуствуваат на партиската трибина на СДСМ.

Истото прашање го упатуваме и до министерката за труд и социјална политика, г-ѓата Мила Царовска, во врска со директорот на Центарот за социјални работи во Делчево, г-нот Михаиловски, како и до директорката на Агенцијата за вработување на РМ, г-ѓа Билјана Јовановска, во врска со директорката на Центарот за вработување во Делчево, г-ѓата Прачкоска, инаку сопруга на директорот на средното училиште, г-нот Љупчо Прачкоски.
Само тогаш и така ќе покажете дека сте на прав пат за создавање на департизирана администрација и администрација во служба на граѓаните, а не во служба на одредена политичка партија.

Почитувани сограѓани,

Иако претпоставуваме дека тоа нема да се случи, односно дека нема ништо да преземат, освен што можеби градоначалникот Трајковски ќе излезе на прес – конференција на која наместо да каже што презеле, ќе кука, ќе ме напаѓа и навредува и ќе ме прашува „ЗОШТО ГОРАНЧО, ЗОШТО ГОРАНЧО“, многу брзо ќе дојде 12 април 2020 година, денот кога вие граѓаните на Република Македонија ќе им ја испорачате фактурата за сите злодела кои ги направија врз државата и македонскиот народ во изминатите три години и ќе им го покажете правиот пат до местото кое го заслужуваат, а тоа е темната страна на македонската историјата.

Ви благодарам! “

Во интерес на информирање на јавноста а согласно декларативните заложби на Градоначалникот на општина Делчево за транспарентност и јавност во работењето, како редакција ги упативме следните прашања до општинската администрација во Делчево:

1. Дали според Вас е прекршен членот 7 од Законот за Средно образование?

2. Дали ќе сноси некој одговорност за можната злоупотреба и прекршување на споменатата одредба согласно надлежностите на Градоначалникот на општина Делчево?

3. Дали ќе сноси некаква одговорност Директорката на ЈЛБ ИЛИНДЕН Делчево согласно надлежностите на Градоначалникот на општина Делчево поради ширење на партиска пропаганда во работно време на социјалните мрежи, за кое време е платена од парите на граѓаните?

Иако овие прашања ги упативме уште пред два дена на официјалниот службен е-маил info@delcevo.gov.mk на општината се уште немаме добиено одговор назад од локалните власти.

Креирано од:


Пренеси го гласот