Државата како најголем работодавач на бизнисот и стопанството во Македонија продолжува да се етаблира пред очите на целокупната јавност. Зависноста на бизнисот од државни ресурси за работа и остварување на финансиски ефекти за приватни фирми е индикатор кој што многу зборува за развојот на државата.
Во услови на декларирана пазарна економија која Македонија ја има, ваквиот начин на деловни активности меѓу државата и приватниот сектор е во огромна мера социјалистички инструмент превземен од “Капиталот” на Маркс. На тој начин се создава протекционизам кој што води кон создавање на олигархија која на голема врата во минатото продираше во економските текови на државата.
Денес имаме целосна зависност и подреденост на највиталните сектори на државниот апарат од приватни добавувачи на материјални нешта и услуги што ја доведуваат државата во подредена состојба и пад на ефикасноста и квалитетот на функционалноста на државните сервиси. Во голема мера во рамки на законска постапка се исплаќаат суми во милијарди денари на приватни компании, но евидентни се и злоупотреби од типот доделување на тендери на повици во кои условите се до таа мера моделирани каде аплицира само по еден добавувач кој ја добива јавната набавка.
Така се создава нелојална конкуренција во која одредени фирми блиски до одредена власт добиваат работа со остварување на солидни профити додека “неподобни” фирми се осудени на постепено тонење и згаснување.
Ваквата состојба во никој случај не одговара на пазарна економија туку на државен социјализам каде државата остварува влијание во стопанството и пазарот на стоки и услуги преку свои финансиски инструменти на влијание.
Решението на ваквиот проблем е комплексно и мултисекторско, но во основа се содржи во политичка определба на функционерите на власта за тргање на “канџите” од стопанството и овозможување на вистински услови за развој на бизнисот и стопанството. Тоа не може да се постигне во период од една, две, три години или цел четиригодишен мандат на една централна власт, па затоа неопходна е политичка волја, култура и општествен консензус на сите политички субјекти во државата за воспоставување на суштински стратешки насоки за одржлив развој на економијата без државен интервенционизам, криминални тендери, други невидливи механизми за испумпување на пари од јавниот буџет на државата, злоупотреби и монополизација на јавните ресурси на дискриминаторски основи…
Токму тука се гледа вистинската посветеност на одредена политичка групација на реалниот развој на државата со крајна цел подобрување на економскиот стандард на граѓаните како и воспоставување на одговорна и посветена институционална поставеност на државниот апарат со силни институции на сите нивоа на власт: Локална, регионална, судско-обвинителска, владина како и силен граѓански сектор.
Отворениот пристап на институциите на државата кон овозможување на вистински демократски услови на пазарна економија е нужност која на рамноправни основи ќе ги поттикне креативните, работливи компании да бидат моторот на економијата, но и постепено создавање на конкурентни субјекти во меѓународни економски рамки и пазарот на капитал.
Само на тој начин преку макотрпна работа за создавање на доверба, државата ќе биде посакувана дестинација за живеење, работа и создавање на секој поединец. Во изминатите 6 месеци од воспоставувањето на власта на актуелната владеачка коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН забележливи се големи позитивни промени во оваа насока на развој на партнерски однос помеѓу владата и стопанството. Овие позитивни индикатори беа забележливи уште во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше тешка опозиција преку редовни, структурирани и суштински контакти и работа на интерсекторски групи од стопанските комори, приватни компании и стопанството со експертски тимови на партијата и многу често со Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Ваквата предизборна хроника, денес гледаме дека се претвора во суштинска демократска алатка за развој на вистинска пазарна економија во подем воспоставена на рамноправни основи за сите етаблирани деловни субјекти.
Оттука носењето на мерките на Владата за поддршка на стопанството се консензуално прифатени а нивните ефекти постепено треба да овозможат создавање на дополнителна вредност за стопанството а со тоа и за државата. Средбите на Економско-социјалниот совет во владата со целата јавност и отвореност се вистински силен демократски инструмент каде се дефинира напредокот но и сите можни закани за економскиот развој и благосостојбата на граѓаните.
Во предизборните програми на сега владеачките партии од владината коалиција а особено програмата на ВМРО-ДПМНЕ содржат многу мерки за поддршка на стопанството, но мора да се внимава да не се забега во недемократски правец спротивен на принципите на пазарната економија.
Во досегашното работење на владата се наѕираат здрави економски политики кои што иако дефинирани од лошите финансиски портфолија оставени од минатата власт сепак пополека успеваат да бидат светилник за граѓаните и стопанството со забележливи ефекти кои во основа обезбедуваат подобар стандард за народот.
Обемната и комплексна програма на владата за поддршка и развој на стопанството содржи револуционерни методолошки инструменти а силниот капацитет на раководните структури поставени на чело на институциите е од пресудно значење за нивната доследна имплементација. Секако тука е и лидерскиот капацитет на Премиерот Христијан Мицкоски заедно со неговиот тим на ресорни министри, пред се вице-премиерот Александар Николоски кој покрај Министерската улога во Министерството за транспорт има силен удел во економскиот удел на политиките на актуелната влада, како гаранти за спроведувањето на програмските определби кои треба да остават позитивен впечаток на ова наше секојдневие..
Досегашниот од’ на владата е на позитивен правец за развој на фер и принципиелен подиум за натпревар на деловните субјекти кои сукцесивно треба да прераснат во генератор на силен економски развој на државата.
Партиите во владата со доминантна улога на ВМРО-ДПМНЕ имаат клучна улога во таа насока а нивната спосбност да опстојат на своите политички и доктринарни платформи треба да биде нужен предуслов за развојот на Македонија во наредната деценија.
Во таа констелација на односи нема простор за државен протекционизам, нема простор веќе едни исти фирми кои живеат од работата која им ја сервира државата да бидат “златни кокошки” за функционерите на власта…
Кредибилитетот и силниот демократски капацитет на владиниот тим на чело со Премиерот Мицкоски треба да бидат гарант за вистинска демократска рефлексија во сите пори на општествениот систем во државата, кој преку воспоставување на принципиелни правила на игра ќе бидат вистински генератор и мотивација за создавање на нови вредности, не само во економијата….
Само така може да се врати довербата на граѓаните кон своите институции за да се обезбеди идеолошка синергија за прогрес и напредок за сите луѓе под ова Македонско небо.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Уште е време комитско: Бугарската пропаганда во очај не бира сретства за да ја тера својата агенда
Година на фениксот
Помирен ноќен сон може да се постигне ако ја научите тајната на спиењето на левата страна