БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Весна Кусакатска: ШТО ОД СЕПТЕМВРИ?

Пренеси го гласот

За ова прашање од насловот, треба да се размислува уште од сега. 10 јуни е на прагот. Наставната и учебната година се при крај. Ние наставниците послушавме. Иако сметавме дека наставните програми требаше да се скратат уште на почеток на вонредната состојба, тие не беа скратени, па остана на нас да се снаоѓаме кој како умее. Но и покрај тоа успеавме. Ги реализиравме, имаме двонасочна комуникација, ги оценуваме учениците, одржавме онлајн совети, пополнивме е-дневник. Постапивме како што се бараше од нас. Голема благодарност упатуваме до родителите, кои се вклучија во сето ова и сигурна сум дека да не беа тие, сѐ ќе паднеше во вода. Ние ќе ја истераме работата до крај, ќе постапиме по барањата упатени до нас.

Но сега си го поставувам прашањето: Што од септември? Сега вие сте на потег.
Почитувани директори, градоначалници, министри…
Подгответе ги училиштата за работа. Подгответе ги училиштата за безбедно враќање на учениците во клупите. Исполнете ги сите просторни, здравствени и материјални предуслови, пред да ги отворите училиштата. Имате доволно време за тоа.
Направете анализа како ќе ги исполните просторните предуслови, како децата ќе бидат доволно раздалечени еден од друг, кога во некои паралелки има и по 30 и повеќе ученици? Потребен е нов ангажман, чинам.
А хигиенските услови? Како ќе се обезбедат тие, кога и пред пандемијата, технички персонал недостигаше. А сега како? Колку и да се трудеа, беа малку за да постигнат. А за средства за чистење, дезинфекција…подобро да не зборувам, треба во иднина многу да се внимава на подобрување на квалитетот и квантитетот на истите.
Гледам во други земји на големо се подготвуваат за враќање на учениците во клупите. Кој кај нас ќе стои на влезот на училиштето и ќе ги контролира децата дали се дезинфицирале пред да влезат, кој ќе им мери температура, кој на половина час ќе врши дезинфекција? Има ли доволно персонал? Не, нема!
А кој ќе биде одговорен ако нешто се случи? Наставникот, се разбира. Затоа што кога ќе се каже училиште, родителите секогаш пред себе го имаат ликот на наставникот. На директорот, градоначалникот и министерот никој не ни помислува.
За ризикот по здравјето на наставниците исто така треба да се води сметка, затоа што има меѓу нас одреден број што се во ризична група. Како тие ќе се заштитат? И уште нешто. Што ќе биде со учениците кои имаат здравствени проблеми?
Затоа почитувани директори, градоначалници, министри…размислувајте уште од сега! ВНИМАВАЈТЕ МНОГУ!

Пишува: Весна Кусакатска, одделенски наставник
Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ

Креирано од:


Пренеси го гласот