Денеска на прес конференција од партиското седиште на СДСМ, Андреј Жерновски кој што е Секретар за меѓународна соработка зборуваше за потребата од спроведување на постапката за уставни измени согласно барањата на ЕУ и соседна Бугарија за вметнување на бугарите во уставот, за ефектите од Извештајот на Европската комисија како и за дезинформациите во јавноста.
“Македонската јавност имаше можност од највисоко европско ниво да добие три важни и целосни потврди за она што го зборувавме како партија со месеци наназад, а кое беше демантирано од страна на владејачката ВМРО.
Прво, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јасно порача дека уставните измени се единствениот услов за формално отворање на преговорите со Европската Унија. Сакам ова да биде сосема јасно. Тука веќе треба да престане секоја дилема, дебата и манипулација околу ова прашање.
Второ, вчера Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот на Томас Вајц за Македонија. За жал, повторно добивме потврда за она што го зборувавме со месеци наназад. Во извештајот се констатира, цитирам, дека нема напредок од последниот извештај. Тоа значи дека една година, односно 365 дена, се изгубени без да бидат спроведени суштински реформи во нашата држава. Се констатира недоволен напредок во реформите, особено во областа на владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата.
Трето, Комитетот во извештајот ги посочува манипулациите и дезинформациите преку, цитирам, „странско непријателско мешање и кампањи за дезинформации“. Тоа е токму она што СДСМ го зборуваше со месеци наназад – дека постои поврзаност меѓу ВМРО и СНС на Вучиќ и нивните заеднички кампањи. Сега, она што го зборувавме како опозиција добива потврда од Брисел.
Почитувани,
Со Христијан Мицкоски и со ВМРО нема иднина за Македонија, нема перспектива за Македонија и нема подобар животен стандард за нашите граѓани. Тоа веќе е сосема јасно.
Мицкоски и неговата влада воопшто немаат намера да спроведат реформи во правосудството. Напротив, сведоци сме како тој преку медиумски настапи и преку собраниската говорница најавува истраги, најавува политички прогон и лично се меша во работата на обвинителството и судството. Сами можевме да го слушнеме како потврдува дека разговара со јавниот обвинител и му дава насоки како да постапува. Ете, тоа е состојбата во која денес живееме сите ние.
Сосема е јасно дека никогаш нема да ја видиме Европа со оваа криминална власт и со овие криминалци на власт.
Многу е важно да се споменат и дезинформациите и странското влијание како дел од овој антиевропски наратив што го води ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски, а кој е преземен по рецепт на Вучиќ и СНС, сестринската партија на ВМРО.
Сето она што го зборувавме со месеци наназад за странското мешање и за дезинформациите што ја поткопуваат демократијата во нашата држава, веќе и официјално е потврдено од Брисел и од институциите на Европската Унија. Крајната цел е сосема јасна – да се води антиевропска кампања за да се спречи внесувањето на малцинствата во Уставот и со тоа да се спречи влезот на Македонија во Европската Унија.
Вицепремиерот Стоилковиќ, човек кој има директни врски со БИА и со „Ноќните волци“, јавно ја турка агендата и на Србија и на Русија. Во Куманово се организира поддршка за Вучиќ, без да слушнеме каков било коментар од власта или од Мицкоски. Тоа значи дека ова се прави со нивно премолчено одобрување и дека со молчењето всушност се поддржува ваквиот собир.
Сето тоа е дел од истата слика, а тоа е одржување на изолацијата и спречување на европскиот пат на нашата земја.
Дел од ова сценарио е и лажниот патриотизам на премиерот Мицкоски. Тој со својата пропаганда со месеци наназад шири лаги и нè убедува дека, ако треба, ќе јадеме корења, доколку се внесат малцинствата во Уставот, бидејќи наводно ќе биле загрозени македонскиот јазик, македонската култура и нашиот национален идентитет.
Чиста лага. Чиста манипулација.
Она што сакам денес јасно да го кажам е дека сите овие манипулации излегуваат на виделина. Веќе не може да се крие таа антидржавна и антимакедонска стратегија.
Тие, заедно со своите семејства, со бугарски пасоши и со деца со бугарски пасоши, патуваат со авиони кон летните дестинации, додека обичниот граѓанин чека по десет часа на граница, а потоа владата го убедува дека треба да јаде корења.
Почитувани,
Овде не станува збор за никаква заштита на македонскиот национален идентитет од страна на Мицкоски. Овде станува збор за заштита на неговата криминална моќ, односно на криминалната моќ на неговата група.
Впрочем, тоа е и целта на целата оваа кампања – да се спречи Македонија да влезе во Европската Унија, за да може без контрола и без одговорност да продолжат кражбите.
Затоа е и овој лажен патриотизам. Затоа служи оваа наводна борба против Бугарите. Се преправаат дека се борат против Бугарите, а имаат бугарски пасоши. Всушност, тие се борат против Европа и против европската иднина на нашата држава.
Антиевропската кампања на нивните медиумски поддржувачи и евроскептицизмот што го шират се спротивни на волјата на дури 77 проценти од граѓаните кои ја поддржуваат Европската Унија и кои јасно се изјаснуваат дека сакаат да живеат во европска Македонија.
Затоа, доста е со оваа пропаганда.
Пред Македонија се наоѓа историска шанса која или ќе ја искористиме или повторно ќе чекаме децении за да се вратиме на европскиот колосек.
Цената, за жал, ќе ја плати државата. Ќе ја платат граѓаните. Ќе ја платиме сите ние.
А токму тоа е она што го сака Мицкоски и неговата криминална група.
Затоа уште еднаш повикуваме: распишете референдум веднаш. Граѓаните нека одлучат дали сакаат изолација или сакаат да живеат во европска Македонија.
Реформи сега. Европа сега.”
-рече на денешната прес конференција Андреј Жерновски од СДСМ


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Битиќи: Нова манипулација на Мицкоски за БДП, со инфлација од 5,7% животниот стандард паѓа.
Амфенол технолоџи Македонија организира екоакција по повод Светскиот ден за заштита на животната средина во Кочани
ВМРО-ДПМНЕ: Непријатно е да се слуша СДС и нивните првенци како се препелкаат зборувајќи за економија, инфлација, скапотија