Конструктивноста кај советниците од редовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Штип затаи денес уште на втората седница.
До камен на сопнување советниците дојдоа уште при утврдување на дневниот ред.
Иван Јорданов од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ запраша зошто се уште некои советници од СДСМ не поднеле изјава за спречување на судир на интереси до антикорупциската комисија. Од говорницата тој изјави:
- Јас како што лично знам како одговорен за нашата советничка група сите наши советници коишто имаа судир на интерес, коишто во исто време беа директори се произнесоа. Дали тоа важи и за останатите членови на совет т.е и за членовите од социјал демократскиот сојуз и коалицијата.
Претседателот на советот Јане Миланов на ова истакна дека ја прифаќа забелешката и како совет во најбрз можен рок ќе поднесат барање за изјаснување до антикорупциската комисија. Горан Карашов од ВМРО-ДПМНЕ запраша дали до добивањето на одговорот од антикорупциска одлуките кои ќе ги носи советот ќе бидат легитимни и законити, со оглед на тоа дека проблематичен е само еден советник а соодносот во советот е 12:11 во корист на СДСМ, што значи дека овој еден глас може да биде одлучувачки во некои одлуки на советот. Иван Бојаџиски од СДСМ на ова реплицираше дека до добивање на одговор од комисијата сите одлуки би биле валидни и легитимни без да го аргументира своето тврдење зошто тоа е така.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ потоа ја напуштија седницата на советот незадоволни од распределбата на членовите во комисиите. Иван Јорданов истакна дека СДСМ грубо го кршат деловникот на советот во кој јасно стоело дека во комисиите соодносот на членовите од опозицијата и позицијата требало да биде пропорционален. Јане Миланов на ваквата одлука изјави дека паушално се толкувал законот но дека ја почитува одлуката за напуштање на седницата од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ истакнувајќи дека во минатото и тие постапувале на ист начин кога сметале дека се носат незаконски и неправилни одлуки во советот.
Советниците денес ги избраа и новите членови на управните одбори во детските градинки во Општина Штип.