Денеска на 2 август, на големиот христијански празник Свети Пророк Илија – Илинден и Денот на државноста на Македонија, во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново, битолско, се одржа традиционалната 55. Светска македонска иселеничка средба и 46. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија како една и единствена Семакедонска средба Трново 2026.
На Семакедонската средба 2026 присуствуваа Македонци од сите делови на Македонија, од светот и татковината. Официјалната програма на средбата започна во 10:30 часот часот, по што се реализираше општонародна веселба. Од раните утрински часови од 7:30 се одржа света богослужба во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, на која присуствуваа голе број верници. Оваа средба беше благословена од Неговото Високопреосвештенство г. Петар Митрополит Преспанско-Пелагониски. Присутните ги поздравија градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски како покровител на Средбата и претставници на организаторите. Свеченото обраќање од страна на Матицата на иселениците од Македонија беше на проф. д-р. Васил Тоциновски, првиот и долгогодишен лектор на Лекторатот по македонски јазик во Риека, Хрватска, македонски писател, есеист, критичар, книжевен историчар и преведувач.

На настанот свое обраќање имаше и Драган Ковачки пратеник во Македонското собрание и Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
“Денес, празникот го поминавме во Трново, на 55. Семакедонска средба која е во организација на Матицата на иселениците, на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија од Битола, на Сојузот на
здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“ и на Светскиот македонски конгрес.
Мал исечок од моето обраќање пред нашинците:
Нашите прадедовци кренаа востание не за борба за територија, туку за достоинство. Не за власт, туку за правото да бидат Македонци.
Низ историјата многумина се обидувале да го избришаат македонското име, да го оспорат јазикот и да ја присвојат историјата.
Нив денес ги нема ама Македонија сè уште постои.
Ние сме Македонци.
Тоа не е политичка определба. Тоа е нашиот корен, нашиот јазик, нашата култура, нашата Црква и нашата историја.
Илинден за нас не е спомен. Илинден е обврска.
Обврска да не попуштиме.
Обврска да останеме исправени.
Обврска на нашите деца да им ја оставиме Македонија достоинствена, слободна и горда.
Нека е вечен Илинден!”
-напиша на социјалните мрежи Драган Ковачки во врска со овој настан.
Во рамки на настанот беше прикажана богата културно-уметничка програма во која учествуваа КУД „Гоце Делчев“ од Битола и КУД „Новаци” од Новаци.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Одбележан патрониот празник на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари
Предложен притвор за вработен во ДЗС осомничен за поткуп
Делегација на МВР учествуваше на 15. конференција на ИНТЕРПА во Доха, Катар