БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Борбата со корупцијата мора да е ефективна кај оние кои треба да гонат корупција: Судството и обвинителството мора да се ослободат од канцерот

Пренеси го гласот

Нема граѓанин во државата кој на своја кожа не ги почувствувал негативните последици од корупцијата во државата која е распространета на сите нивоа во институциите по вертикала во државата. Проблемот е дотолку поголем што нудењето на мито граѓаните во државата го сметаат како нормална пракса за вршење работа во институциите.

Кога граѓанин се исправи пред некој институционален шалтер или пред некое службеничко биро и фотеља неминовни се милозвучни зборови, понизен поглед и барање сигнали за неизнудена “частовка” за да воопшто службеникот обрати внимание за она што му го зборува странката-граѓанин. Или пак потребна е претходна најава од пријател, роднина или некој политички моќник за да се воопшто сослуша и со неопходна доза на сериозност прифати барањето на граѓанинот.

Овој системски кодекс за разјадување на државата и деградација на севкупните односи генерира од памтивек и веројатно уште долго ќе биде начин за уништување на развојот и просперитетот на државата и граѓаните.

Од друга страна овој систем распространет во сите пори на државниот апарат најбрутално доаѓа до израз во судско-обвинителскиот систем каде што на најдиректен и експлицитен начин граѓаните ги гледаат негативните ефекти од неговото работење.

Така во доменот на коруптивното и поданичко работење на судовите се кројат човечки судбини, но и се овозможува рај за криминалците.

Не е никаква тајна нискиот процент на доверба на граѓаните во судско-обвинителскиот систем со децении наназад.

Она што е новитет е определеноста но и конкретните активности на актуелната власт за започнување на пресметка со “канцерот” во судско-обвинителските редови. Секако за да се расплетка таа моќна мрежа на влијанија ќе биде потребно време, но првичните успеси на органите на извршната власт ветуваат многу во тој поглед. Редица на случаи се евидентни во јавноста што ги процесираше актуелната извршна власт низ кои може да се увидат шилците на тој гломазен коруптивен еж кој го распара Македонското државно ткиво со децении наназад.

И токму во таква една состојба кога Владата преку соодветните министерства и останати органи на државна власт работи сериозно и посветено за подобрување на состојбите во катастрофалниот судско-обвинителски систем, шилците на тој антинароден конгломерат излегуваат на површина, подготвени да се бранат преку сите сретства кои што ги имаат на располагање.

Дали сакате дефокус од политички Робеспјери со теми кои потхрануваат егзистенцијализам? Или сакате неиспровоцирани прес конференции на наследниците на КПЈ во Македонија со секакви други теми освен за суштината на проблемите во судството и обвинителството, наместо внатре институционална аргументирана дебата за потребата од ПРОМЕНИ на постојната канцерна состојба, граѓаните треба во континуитет да го држат вниманието на највисоко можно ниво во однос на реформите во судско-обвинителската власт. И да бараат одговори од сите инволвирани страни за сето досегашно работење на судиите и обвинителите но и за целокупното тековно и идно постапување.

Така кога Венко Филипче ќе обзнани став дека намерата за промена на државниот јавен обвинител ќе доведе до партизација на оваа функција, треба да има предвид дали истиот принцип бил применет претходно при изборот на истиот тој државен јавен обвинител. Или пак кога обвинува за обид за партизација на Републичкиот судски совет треба да има предвид на кој начин се избрани актуелните членови на оваа институција. Како Претседателката на Судскиот Совет Весна Дамева ја има на настани во присуство на партиски членови на СДСМ?

Како судијка има партиски штаб на СДСМ во своја семејна куќа? Како судијка која суди за случајот за 27 април, напредува во своајта судиска кариера во Уставен судија а истовремено некогашна пратеничка на СДСМ влегува како избран судија во истиот тој Уставен суд?

Како Јавниот обвинител Љубомир Јовевски своевремено не ги гледаше криминалите на власта на СДСМ и ДУИ кои сега пополека излегуваат на површина иако целокупната јавност алармираше за истите, додека тој ја извршуваше најважната обвинителска функција. Вака до недоглед човек може да набројува прашања кои Венко Филипче и неговата партија СДСМ треба да ги одговори рамо до рамо со нивните доскорешни ортаци во власта ДУИ.

Од друга страна ги имаме “силните” правници од Левица кои наместо со овој круцијален проблем кој тежи како камен на вратот на развојот на Македонија, пласираат хаотична секојдневна пресинг пропаганда базирана на популистички теми без издржани решенија и реална применливост, во обид да ги анимираат граѓаните врз бранот на бунтовноста. Ниту еден збор за реформи во судско-обвинителскиот систем не сме виделе во јавност од најизвиканите фронтмени на Левица!

Со години ВМРО-ДПМНЕ се бори за Право и Правда… Острицата на шилците на метастазираниот судско-обвинителски систем најдобро ја почувствуваат членовите но и симпатизерите на актуелната партија на власт кога СДСМ и ДУИ ги држеа уздите на заузданиот судско-обвинителски коњ. Во предизборната програма “Платформа 1198” на ВМРО-ДПМНЕ огромен дел беше посветен на реформите во судството и обвинителството.

Оттука Премиерот Христијан Мицкоски го има целокупното иституционално право и политички легитимитет да ја подобро перцепцијата кон судско-обвинителската власт на народот преку суштински реформи кои ќе значат вистинска правда преку практикување на правото во интерес на развојот на Македонија.

И да! Ако тоа значи сечење на метастазата во судско-обвинителскиот систем тогаш тоа нека биде што е можно побрзо додека се уште има здраво ткиво за остварување државност на ова парче Македонска земја.

Креирано од:


Пренеси го гласот