Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини оствари работна средба со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“. Тимот MES Racing – првиот и единствен македонски Formula Student тим, кој успешно ја претставува државата на меѓународната инженерска и технолошка сцена.
На средбата, студентите го презентираа својот проект, визијата и досегашните активности, преку кои младите инженери стекнуваат практични знаења и работат по принципи на реална инженерска компанија, развивајќи иновативни решенија и современи технологии. На проектот работат четириесетина студенти од различни факултети и секој во рамки на својата област дава придонес за развој на овој проект.
Министерката ја нагласи важноста од континуирана институционална поддршка за младите инженери, потенцирајќи дека инвестицијата во нивното знаење, креативност и иновации е директна инвестиција во иднината на државата. Таа истакна дека ваквите студентски иницијативи се од исклучително значење за развојот на техничките науки, јакнењето на домашниот инженерски кадар и задржувањето на младите таленти во земјата.
„Наш приоритет е да создадеме средина во која младите инженери ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации. Проекти како ‘Македонска Формула’ покажуваат дека Македонија има знаење, визија и потенцијал да биде дел од европската и светската инженерска заедница,“ истакна министерката.
Од тимот MES Racing нагласија дека поддршката и соработката со институциите претставуваат значаен поттик за понатамошен развој на студентското инженерство, како и за унапредување на практичната едукација и технолошките капацитети во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на поддршка на младите, науката, иновациите и инженерските решенија, како клучен сегмент во градењето на одржлива и конкурентна економија.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Јавен повик за проектни апликации наменет за правни и физички лица од редовите на дијаспората, за 2026
Мециновиќ порача дека назначувањето на вмровецот Ацо Ристов за претседател на РКЕ ќе го оспори пред Енергетската заедница
Уставниот суд го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите донесен во февруари 2026 година во Собранието