БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Деветто издание на фестивалот „Пображење“ во Вевчани

Пренеси го гласот

Општина Вевчани се наоѓа во југозападниот дел на Македонија на падините на планината Јабланица на надморска висина од 800м. Атарот на населбата Вевчани се наоѓа северозападно од Охридското Езеро. Се протега во насока исток-запад, од подножјето, преку ридестиот терен се до сртот на планината Јабланица. Се граничи со Општина Струга, а во потесен дел ја допира државната гранична линија со Албанија. До Вевчани води асфалтиран пат што од Струга минува низ селата Враништа и Велешта и води до Вевчани.

До 1953 година Вевчани била општина, заедно со селата Октиси и Горна Белица. Од 1953 до 1956 година била приклучено кон општина Велешта, а нешто подоцна кон општина Струга. Оттогаш трипати било поднесувано барање за формирање на општина 19691981 и 1990 година.

Општината е обновена 1996 година со донесувањето на Законот за територијална организација на Македонија со што Вевчани со површина од 35 км2 и 2500 жители е единствената општина во Македонија со едно населено место. Општината почнала да функционира од 1997 година со формирањето на нејзините органи и тела, по изборите за локална самоуправа.

Денеска во Вевчани започнува 9-тиот по ред Фестивал за народна култура „Пображење“, во организација на Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани. Во наредните три дена, 500 уметници од различни држави ќе ја презентираат народната култура пред Вевчанската публика и пред многубројните туристи и гости кои токму овие денови престојуваат во Вевчани и регионот.

Фестивалот започнува вечерва во Домот на културата со презентација на етнолошки документарни филмови, а како учесници оваа година со свои авторски дела ќе се претстават: д-р Владимир Боцев („Возот за Мартолци“), Елзи Иванчич Дунин и Даниел Петровски (Са О Рома) и Бојан Петковски (филмувана реконструкција „Лазарице“).

Свеченото отворање е утре на летната сцена каде во наредните денови својот фолклор ќе го презентираат македонски ансамбли и фолклорни ансамбли од Германија, Естонија, Словачка, Хрватска, Полска, Србија.

Покрај сценско уметничката презентација на орската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина: „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“, а учесник оваа година е Аница Китаноска-Вевчанска, студент на академијата за убави уметности во Равена,Италија.

Во Вевчани овие денови се подготвува и слави Преображението Христово, слава на населбата, па Вевчани ќе нуди содржини од народната култура, бидејќи токму тие ги отсликуваат традиционалните духовни и материјални вредности на еден народ. На Вевчани му прилегаат настани кој имаат за цел да ја зачуваат традицијата, впрочем, Вевчани низ вековите го докажал тоа, и токму затоа целта и на овој фестивал е да ја афирмира Македонската духовна култура и традиција, и да овозможи запознавање со народната културата на други земји низ светот.

Стручниот совет на фестивалот во состав: проф.др. Мирјана Мирчевска, проф.др. Велика Стојкова – Серафимовска, проф.др. Даворин Трпевски, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли, а за најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета „Чувари на традиција“.

Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово на 19 август со етно звуците на вокално инструменталниот состав „Аманет“ од Скопје и Фолклорниот ансамбал при центарот за традиционална култура од Вараждин, Хрватска.

Бидете дел од Вевчани , местото кое ќе ве освои со својата природна убавина, традиција и Македонштина.

Креирано од:


Пренеси го гласот