Секое ниво на развој на нашето општество од централно ниво во Скопје па се до најубавите маала, села, секој град и општина изискува строга посветеност на негување и афирмација на човековите права и слободи од страна на институциите и носителите на јавни функции во име на својот народ.
Демократскиот капацитет еден политичар или го има или го нема. Тоа не е нешто што се учи од денес за утре. Тоа е вредносен систем кој се гради понекогаш со генерации во семејството, , во соседството, на работа, помеѓу пријатели и соработници…
Почитта на различностите е само првото скалило за постигање на подобри демократски вредности во една заедница. Кон убеденоста дека секој човек е богатство сам за себе и дека секој поединец е важен за нашето Делчево се придодаваат и колоритноста на разновидни семејни традиции на луѓето кои од памтивек го населуваат овој наш прекрасен простор под сонцето наречен Пијанец во рамки на Македонија.
Така разговорно за нашите луѓе може да се слушне изрека, “од кал да е ама од Вирче да е” или “од Граждање никој не прај поарна ракија” а “од Ѕвегорци нема поарни дегустатори на сливовица, особено за време на Ѕвегорска сурва” или “кога се станат тапанџија од Тработивиште и играорец од Драмче, разбере и горно и долно небо”…
Уникатноста на цел тој еден вредносен систем кој што од памтивек егзистира во некогашното Царево Село денес Делчево е духовно богатство кое нас како современи генерации на делчевчани не обврзува: Да се обединиме околу нашите индивидуални различности за да создадеме подобра и посветла иднина за нашиот град и држава.
Делчево како крстопат на цивилизациите на Балканот секогаш имало исклучителни поединци во сите сфери на општествениот живот како во нашата татковнина но многу често и надвор на меѓународна сцена.
ДЕНЕС НИЕ КАКО ОДГОВОРНИ ОПШТЕСТВЕНИ ДЕЈЦИ НЕ СМЕЕМЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА ЗГАСНЕ ОВОЈ НЕПРЕСУШЕН БУНАР НА ЧОВЕЧКИ ПОТЕНЦИЈАЛ. ОВОЈ ОГРОМЕН ИЗВОР НА КУЛТУРОЛОШКИ И ХУМАНИСТИЧКИ ВРЕДНОСТИ МОЖЕ МНОГУ ЛЕСНО ДА СТАНЕ БЕЛЕГ ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА ОВОЈ ПИТОМ И КРОТОК НАРОД ЧИЕ ПОСТОЕЊЕ СЕ ПРОТЕГА РЕЧИСИ НА СИТЕ СВЕТСКИ МЕРЕДИЈАНИ.
Од богатството на различностите на делчевчани, мора нужно да се воспостави одржлив општествен консензус на заедницата, за сферите на заеднички интерес за општо добро на сите.
Просперитетна иднина за Делчево е можна само со заеднички договор помеѓу оние делчевчани кои што сакаат и можат себеси да се заложат за подобра иднина пред се на самите себеси, на сопствените семејства но и пошироко за сопственото маало, улица, реон, населба, сопственото Делчево… од село Илиово до селата Стар и Нов Истевник и славното Разловци..
Пред извесно време во јавноста како Општински Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Делчево започнавме со афирмација на еден нов позитивен дух на вредности за поубаво Делчево. “Концепт 800+” е наш влог во иднината на Делчево, наш придонес за тој поширок општествен Договор со сите граѓани на Делчево. Нашиот влог во тој договор со сите граѓани ќе биде непрекината работа како вредносен пандан на борбата која нашите предци ја воделе за да создадат слобода за Македонскиот народ.
Денешната наша современа револуција е изградена од знаење, искуство, многу работа, труд и меѓусебна почит… толеранција и разбирање, мотивација и сочувствување со проблемите кои надвиснале над секое делчевско семејство.
Народниот карактер на исконските идеи на ВМРО што како организација низ еден долговечен историски контекст ги живеела организацијата сите премрежја на Македонскиот народ, денес се повеќе и
повеќе добиваат нов современ контекст.
Концепт 800+ наиде на позитивен прием кај голем број делчевчани… и уште повеќе, голем број делчевчани се вклучија со свои предлози и идеи за надградување на истиот препознавајки нова силна енергија за промени кон подобро. Концепт 800+ ќе продолжи да се развива в наредниот период и за тоа е потребна сечија помош и поддршка.
Егзистенцијалните проблеми на делчевчани имаат своја длабока генеза низ различни периоди во минатото. Но она што ми овозможува да забележам силна светлина на крајот на овој наш заеднички тунел е токму вербата во непокорот. Не смееме да дозволиме просечноста да не втурне во летаргија, не смееме да правиме компромис со вредности кои не ни се својствени како народ, како граѓани на Делчево. Бунтовноста на нашиот народ е негова главна одлика низ историјата. Пркосот кон сите небиднини исто така. Денес нашиот нов пркос е нашиот КОНЦЕПТ 800+!
Време е за домаќини луѓе да направат нешто повеќе за своите семејства. Време е за луѓето со силен интелектуален капацитет да направат промена кон подобро. Време е работливите и чесни земјоделци низ цело Делчево да го вратат животот на дедовите ниви, бавчи и овоштарници… Време е здравствените работници повторно да бидат гордост на нашиот народ, време е наставниците и професорите пак да бидат мудроста и разумот на сегашните и идни генерации… Време е институциите повторно да се вратат на народот.
Секој граѓанин на Делчево кој сака да создаде подобра иднина за себеси, за своето семејство и најблиски а со тоа и поубава иднина и за нашето Делчево е добредојден, заеднички да испишаме поубави страни за нашата општина и нашата Македонија.
#Концепт800Плус
#ВМРОДПМНЕ
#ЗаДелчево
#ПроектиЗаГраѓаните
Пишува: Иван Гоцевски- Претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Делчево
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Медиумски пропагандисти сведени на ниво на сеир и забава на народот не значи реална медиумска кредибилност и општествено оправдана улога и значење
Зошто Македонскиот народ е против внесување на бугари во Македонскиот Устав во вакви историско-актуелни односи?
Трка меѓу пари, слава и моќ или хармонија, посветеност и внимание на семејството?