БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Најхуманиот човек за 2018 та година е Киро од Кочани , овој херој донираше орган за да спаси живот

Пренеси го гласот

Признанието за хуманост во 2018 та година , го доби четириесет и деветгодишниот Киро Стојов од Кочани. Да го запознаеме и никогаш да не го заборавиме човекот со големо срце, едноставниост и скромност.

„Со семејството Манови од Кочани имав деловни контакти повеќе години и знаев за сериозните здравствени проблеми на нивната ќерка Ленче, која страдаше од автоимуно заболување, поради што животот ѝ беше загрозен. Скапите медицински испитувања на кои беше подложена покажуваа дека болеста напредува и само пресадување на црниот дроб може да ја спаси од најлошото. Извесен период нејзиното семејство бараше донатор, но тоа не беше едноставно бидејќи дотогашните опции не даваа голема сигурност за совпаѓање на потребните параметри за успешност на постапката. Токму во тој период на безнадежност еден телефонски повик кај мене ја поттикна желбата да помогнам, па се согласив да направам почетни испитувања дали јас можам да бидам донаторот. Тестовите беа позитивни и решив заеднички со Ленче да ја започнеме долгата и детална процедура за пресадување. Дополнителна поддршка добив и од моето семејство, иако сите бевме свесни за опасностите и можните несакани последици. Сепак, воопшто немаше дилеми – ќе помогнам за да може друг млад живот да продолжи“,

-раскажува Стојов.

„На наше големо разочарување, токму кога очекувавме дека постапката ќе се реализира, хрватските лекари нè информираа дека се откажуваат од процедурата. Веројатно ризикот на кој бевме изложени, за нив беше преголем и рекоа дека зафатот нема да се изведе. Неофицијално дознавме дека специјалистите во балканските држави ретко се одлучуваат да вршат пресадување од жив донор, а од околу илјада случаи во Хрватска дотогаш имало само десетина такви операции. Сепак, Манови не се откажуваа и дознаа дека оперативниот зафат може да се изведе во болница во Анталија, во Турција. Таму бевме подложени на нови испитувања од почеток, што траеја цел месец и на крај лекарите се согласија да го извршат пресадувањето. За среќа, сè одеше според очекувањата и оперативниот зафат заврши успешно“.

– додава Стојов.

Признанието за хуманост од Општина Кочани му беше доделено јавно, на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, а честитки за својот хуман гест Стојов доби и од евроамбасадорот Самуел Жбогар. Слично признание му додели и здружението на бубрежно болни „Нефрон“ од Скопје.

„Сметам дека голем удел во целата ситуација имаа и граѓаните на Кочани. Тие организираа хуманитарни концерти и други активности со кои се собраа парите потребни да се плати патувањето и престојот во Турција. Трошоците за оперативниот зафат пак, беа на товар на Фондот за здравство. Единствената награда за мене е што еден млад, за мене добро познат лик, повторно го гледам насмеан и ведар. Не чувствувам никакви здравствени проблеми, ниту какви било последици од операцијата. Често пешачам во природа, не се откажувам и од мојот велосипед, а во слободното време чест придружник ми е домашниот миленик, кученцето Лара. Со семејството Манови го зајакнавме пријателството, а најголема радост ми е што сега јас и Ленче заеднички го прославуваме 1 септември како втор роденден“

– заврши Стојов.

Креирано од:


Пренеси го гласот