За себе велат дека творат, компонираат, создаваат, снимаат и оставаат културно наследство на Македонски Јазик.
Dreamers (Сонувачи) е Македонски рок бенд кој што претставува своевиден сублимат на музичка порака, ритам, енергија и возбуда. Идејата за создавање на бендот се појавила во средното училиште, по што Dreamers тргнуваат по свој автентичен пат на Македонската музичка сцена.
Во јавноста Dreamers се актуелнаи со нивната нова песна за која што снимија свој видео запис објавен на нивниот јутјуб канал:
Како претставници на нова генерација музичари и воопшто креативци во Македонија со бендор Dreamers направивме едно кратко интервју кое го пренесуваме во продолжение:
Брегалнички Портал: Што е Dreamers? Еднократен проект-соработка или бенд кој што планира долгорочна музичка иднина?
– D’reamers претставува долгорочен бенд кој што планира издавање на сопствени авторски музички дела како и многу албуми и синглови. Самата идеа е да секој албум биде составен од 10 песни, плус бонус сингл доколку имаме во моментот на издавањето. Досегашниот баланс говори дека моментално имаме 4 авторски песни и видео записи, навистина вложувањето труд е на максимално ниво, и ќе се потрудиме што е можно поскоро да Ве изненадиме со албумот-првенче.
Брегалнички Портал: Колку време постои идејата за Dreamers, кои беа мотивите да се направи оваа фузија на музичари бидејки Дамир Пух и Наташа Миха имаат веќе свој посебен музички пат?
– Идејата постои од средношколски денови затоа што ние (Јордан и Синиша) сме школски другари, делиме буквално иста визија за музиката, слушаме безмалку исти бендови, и почнавме да ги свириме и пееме нашите омилени песни уште во тие средношколски денови. Претежно нашиот избор на музика беше кон квалитетот на самата песна, пораката која ја носи, ритамот, енергијата, возбудата, и навистина нашата генерална оценка е дека не сме погрешиле во изборот на музиката која не води во целиот живот. Е тука се појавуваат Дамир и Наташа, со истите оние позитивни маани, визија, креација, знаење, успех, енергија а и хемија која постои. Клучен фактор е токму тимот, како и во спортот, секогаш индивидуалецот не би успеал во својата кариера, доколку не работи тимски и заеднички на секое поле, и впрочем, самото споделување на музичкото знаење со Дамир и Наташа е непроценливо, и гарантира долгогодишна соработка.
Брегалнички Портал: Дали планирате музички албум (лонгплејка) во скора иднина?
– Како што наведовме, да, и тоа повеќе албуми, за кои навистина не би сакале премногу да прецизираме околу нив, но ете ексклузивно за Вас, доколку се биде во ред и тече по самиот план, првиот албум ќе го види светлото на денот во Септември 2023 година. Направена е анализа и корекција на преостанатите песни за првиот албум, така да преостанува да ги реализираме аранжмански и продукциски.
Брегалнички Портал: Звукот на вашите песни во гитарскиот аранжман е екстремно модерен, додека гласовната мелодиска линија си има своја веќе унифицирана и веќе етаблирано-препознатлива музичка форма. Овој спој функционира совршено со што од една страна како музика целите кон модерни текови и влијанија а од друга страна останувате доследни на инертниот вкус на Македонската и поширока балканска публика. Кажете ни нешто повеќе за начинот на создавање на вашата музика, идеите, инспирацијата и каде се гледате во иднина: Само на Македонски пазар или и пошироко? –
Сакаме модерен рок звук но истовремено да го задржиме тој ретро момент по кој што се препознатливи нашите идоли, инспирацијата доаѓа од секојдневниот живот, љубов, моменталната енергија итн. Постои и одредено размислување околу песни на Англиски јазик но првите неколку албуми дефинитивно ќе бидат македонски, за Македонскиот пазар. Мислата е една од ретките нешта кои немаат крај, па истото би го кажале и за оние кои имаат неограничени идеи кон творењето, поточно кон музичкото творење. Ова го велиме поради начинот на размислување на овие простори, каде претежира мислењето да секое сегашно и идно време било и ќе биде потешко од претходното. Така е и во музиката, секогаш гледаме да она што сакаме да го креираме, да биде совршено но и да биде основано на претходното, на златните времиња во музиката, каде секогаш се ценел квалитетот за разлика од квантитетот. Имаме прекрасен јазик, имаме прекрасни музичари и како во целиот Балкан и Европа, така и ние ја носиме онаа западна музичка култура, но мора да се потрудиме светот да дознае повеќе за македонската култура, преточена преку музиката. Оној кој навистина влијаел, влијае, и ќе влијае за развојот на нашата музичка култура, секогаш ќе блеска во нашите очи.
Брегалнички Портал: За себе велите “Твориме, компонираме, создаваме, снимаме и оставаме културно наследство на Македонски јазик”. Кој е мотивот за ваквата ваша јасна (би рекол и бунтовна) декларативна изјава?
– Нека биде тоа еден вид на поттик и мотивација за сите млади артисти, музичари, композитори да творат на својот мајчин, Македонски јазик. Ќе кажеме дека туѓото е секогаш послатко од своето, па така и младите артисти во главно претежираат кон креирање на странска музика, самите не се пронаоѓаат во македонската, мислат дека тешко е да се компонира и живее од Македонска песна, едноставно кажано да се склопи рима, ритам и логика истовремено, но нека се потрудат и нека не се откажуваат, сите заедно да оставиме што е можно поголемо културно наследство на нашиот мајчин македонски јазик.
Многу е поубаво чувството кога делото ќе го изработиш на својот мајчин јазик а при тоа ги занемариш сите околни свери кои наметнуваат шунд и таканаречена “музика за еден саат”. На Балканов сите народи се цврсти и истрајни во она што го работат, па затоа, ете порака, сите вие млади и нови артисти и создавачи на квалитетен звук преточен преку македонскиот јазик, бидете цврсти и истрајни.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Наше Интервју со Никола Кузелов (Сценарист и актер)
Наше Интервју со Ана Симонова- Професорка по Македонски јазик, библиотекарка, граѓански еко- активист и гласен борец за женски права
Наше Интервју со “Банда Инструментале”: СУПЕРХИКС е бенд кој го одржува цврстата волја, желбата, другарството, упорноста, решителноста!