БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

За неа само хоризонтот е граница: Наше Интервју со Даница Стојановска- планинарка

Даница Стојановска: -Слободата е избор, некогаш само еден чекор... надвор од стравот, од познатото, од очекувањата...
Пренеси го гласот

Доколку сте учествувале барем на некој од поголемите планинарски маршеви во изминатите години во Македонија, не може а да не сте ја сретнале Даница. Таа е една од највпечатливите планинарки на Македонските планини од исток до запад, од север до југ. Нејзино мото е дека слободата е прашање на избор, точно тоа што може и да се очекува од млада жена која секое свое слободно време го поминува во природа, движење, истражување на светот околу во неговата најпримордијална форма. Почнала од најрана возраст да ги искачува Македонските планини, почнувајки од нејзината база- планината Кожув, зза да денес може да се пофали дека ги има искачено некои од најзначајните планински врвови и масиви во Европа. Нејзината љубов кон височините кон широкиот хоризонт е она што раѓа кај нејзе мотив и истрајност за да се направи чекор повеќе кон нагорнината, се додека не стапне на врвот. Независно во какви временски услови или неприлики, го реализира искачувањето, нејзината храброст е она на што можат многумина и жени и мажи да и’ позавидат. За таа храброст да биде потпомогната од истрајност, важно е долгогодишното искуство кое оваа планинарка го носи со себе.

Даница Стојановска е своевиден промотор на планинарскиот спорт и активист за подигање на свесноста кај луѓето за значењето на природата и здравата животна средина, што оди рамо до рамо со нејзината пасија. Благодарение на луѓето како Даница, планинарскиот спорт доживува се повеќе свој процут и афирмација во нашата држава, но според неа има многу аспекти кои што можат да се подобрат во оваа сфера.

Се сеќавам на еден рекреативен локален планинарски марш во Делчево во далечната 2013 година кога како дел од екипата на планинарскиот клуб “Орле” од Кавадарци беше и Даница Стојановска.

Фото Архива: Планинарски марш Делчево-Очипала-Селник 28.04.2013 година

Оттогаш па до денес многу работи се променети но она што останало како вредност е љубовта кон планината, затоа што не може да биде лош човек, оној кој што ги сака планините.

Прашања:

1. Брегалнички Портал: Љубовта кон планините кај секој планинар расте со висината на врвовите кои ги освојува. Што станува кога еден планинар ќе го освои највисокиот врв во светот?

    Даница Стојановска: Претпоставувам дека тоа е чувство што не се опишува, треба да се доживее. Неможам да кажам зошто не сум била на највисокиот врв во светот, но во однос на искачувањето на пониските и сите предизвици што ги носат со себе, претпоставувам дека сето тоа се дуплира, и тежината, Хималајските временски услови, прилики и неприлики, техничките предизвици… па на крајот и чувството и трансформацијата што претпоставувам е последица од едно такво искачување.

    2. Брегалнички Портал: Активно се занимавате со планинарење повеќе години, би рекол децении. Од кога започна со планинарење? Што е тоа што те тера да продолжиш и понатаму да ги искачуваш планините? Што е тоа што го прави еден планинар успешен пред самиот себеси и пред остатокот од светот?     

    Даница Стојановска: Активно почнав со планинарење некаде во 2012 год,  инаку уште како дете сум израсната на Кожуф планина, базата беше таму, мојот прв искачен врв е на 6 годишна возраст, Горни Голем (1256 мнв), планинарењето е начин на живот, за мене е сосем нормално секој викенд или секое слободно време да е поминато на планина со изодени 15, 20, 25 км… желбата за откривање нови места, слободата која ја дава планината, мојот авантуристички и истражувачки дух, секоја планина и тура различна авантура…да бидам искрена целиот тој напор, и  во разни временски услови и околности, мене едноставно ме релаксира.

    3. Брегалнички Портал: Колку недостига за еден човек да биде вистински слободен со својот дух и тело? Како еден млад човек- почетник може да започне со планинарство и да остане доследен на тој првичен порив за откривање на убавините на планината?

    Даница Стојановска: Слободата е избор, некогаш само еден чекор… надвор од стравот, од познатото, од очекувањата…

    За почеток битна е желбата… да истражува, да открие, да се биде активен… се понатака е личен избор, а доследноста зависи од желбата.

    4. Брегалнички Портал: Според твоја лична процена дали има интерес кај младите луѓе во Мaкедонија денес за планинарството?

    Даница Стојановска: Па да, сметам дека има, особено некако последниве години од кога фати Короната, многу од лугево и младите се насочија кон оутдор активностите,  планински велосипедизам, планинарење, истражување на нашата мала но преубава земја. Сметам дека тоа е одлично за целата психофизичка состојба на поединецот.

    5. Брегалнички Портал: Кажете ни нешто повеќе за себеси. Која е Даница во нејзиниот приватен живот, оној надвор од фотографиите, видеата на кои сме навикнати да ве гледаме на социјалните мрежи? Која е Даница во нејзиното секојдневие?

    Даница Стојановска: Даница е иста и во нејзиното секојдневие, со сите активности , покрај работата, моето секојдневие е динамично исполнето со разни активности, дружба со пријателите, но понекогаш, и сакам време поминато со сама себе си.

    6. Брегалнички Портал: Од каде потекна кај тебе љубовта и интересот за планинарството, кој е одговорен за тој интерес?

    Даница Стојановска: Периодот кога почнав со планинарење, јас барав друштво, но никој од моето друштво тогаш не беше заинтересиран за тоа, па така јас решив  да се  зачленам  во планинарски клуб Орле од Кавадарци на покана на еден нивен член. Колку што се секавам тоа беше некој марш кај вас во источна Македонија и беше доста долга тура за почетник, паметам дека се вратив дома уморна и срекна, така почна се.

    7. Брегалнички Портал: Дали претпочиташ планинарење сама или во група? Колку комуникацијата со другите членови во експедицијата за време на планинарењето може да го облагороди планинарското искуство или пак да го уништи?

    Даница Стојановска: Па предпочитам да е во група, но групата да е мала и одбрана.  Со ист positive vibe и на иста фрекфенција да сме сите, во минатото одев и со големи групи , со многу народ, многу луге запознав по тој основ, но исто така со тек на време сватив и дека не идеме сите со иста цел на планина…така да имам моја екипа со која што супер функционираме, зашто сепак битно е времето што ни е наменето за релаксација и спорт да го поминуваме со друштво кое не релаксира и ни одговара.

    8. Брегалнички Портал: Покрај планинарењето и љубовта кон широкиот хоризонт, што е ваше друго хоби, лична пасија или можеби неостварена желба?

      Даница Стојановска: Па во слободно време возам и ролерки, сакам  и да патувам, речиси секогаш имам испланирано патување без разлика дали е некоја блиска или подалечна дестинација, тоа ми дава нова енергија, да откријам нешто ново, да научам нешто ново, светов е преубав да остане не истражен, сакам исто така и добра журка/фестивал. Неостварена желба.. па има секако, не една… ама малку по малку се стремам секогаш да си ги остварам желбите. Еве за ова лето имам желба  и план да одам на една преубава локација за планинарење во Европа, но сепак ке ја задржам за себе J

      9. Брегалнички Портал: Која планинарска тура во Македонија за тебе е највпечатлива/најубава?

        Даница Стојановска: Ауу тешко прашање. Секој дел од Македонија си има своја убавина и секоја тура/предел исто така, ама еве кога би требало да одберам преубав дел е Долна Лешница со Кривошијските кади, Кривошијскиот водопад и Кривошијски врв. Исто периодов пред нас Корабскиот масив со Корабските водопади во горниот тек на Длабока Река, кои што периодов пред нас изобилуваат со вода. Тоа е еден од најубавите делови од нашата земја, и препорачувам на секој да го прошета тој фасцинантен предел.

        10. Брегалнички Портал: Кога би требало да се одлучиш меѓу Солунска Глава или Голем Кораб што би одбрала?

           Даница Стојановска: Дефинитивно Солунска Глава поради фасцинантниот поглед од и кон Нежилови стени… без разлика што повеке пати сум била, чувството е секогаш исто. Преубав дел.

          11. Брегалнички Портал: Каде имаш повеќе патеки изодено во источна или во западна Македонија? Ако може да направите споредбена паралела за развој на планинарските маршрути во западна и источна Македонија? Каде има подобра инфраструктура?

          Даница Стојановска: Дефинитивно во  западна Македонија, сметам дека планинарските маршути во западна Mакедонија се поразвиени, иако сум била и на многу тури и во Источна Македонија, речиси цел тој дел ми е исто така прошетан, има доста обележани патеки и во тој дел, ама сепак треба уште да се работи на планинарските патеки и градби за да се овозможи безбедено движење и престој за посетителите на планина како од земјава така и од странство.

          12. Брегалнички Портал: Имаш учествувано во голем број меѓународни планинарски тури и експедиции. Кој е досега твојот најголем подвиг/предизвик кој што го имаш реализирано на тој план?

            Даница Стојановска: Има  тури кои ми претставувале посебно задоволство зошто се пред се преубави предели и масиви, како што е алпскиот масив, Гран Парадизо Италија, Мон Блан Франција, Триглав Словенија…

            Секој напор вреди за погледите и чувството , за енергијата на тие преубави масиви.

            13.Брегалнички Портал: Што е тоа кое што го имаат планинарските домови во другите држави во соседните и другите држави а што недостига кај планинарските домови во Македонија?

              Даница Стојановска: Планинарските домови во нашава земја за жал не се на завидно ниво, имаме капацитет, но имаме и многу домови кои за жал поради разни причини најчесто политички сметам дека не ги водат правите луге, вистинските љубители на планината , со тоа и се губи на квалитет, не се вложува во нив, исто така имаме и домови коишто своевремено функционирале а сега се затворени и оставени на забот на времето. Со чест на исклучоци, секако.

              14.Брегалнички Портал: Раскажете ни накратко некој впечатлив настан/анегдота од твоите планинарски патешествија која кај тебе оставила најголема вредност и впечаток која ќе ја паметиш цел живот?

                Даница Стојановска: Има многу, искрено не се ни секавам на се што сум поминала и се случило во овие години.

                Еднаш кампувавме 2 дена, над Попова Шапка под Церипашина а беше зима, имаше многу снег, знам кога легнавме во шаторот бевме 4ца, се слушаше само крцкање на снегот, и не можевме да се успиеме не бевме сигурни дали е лавинозен дел и колкав  е ризикот од лавина. Кога се разбудивме сабјлето целиот шатор беше затрупан со снег, од целовечерните врнежи.

                Паметам исто една зимска предновогодишна тура на Олимп, бевме 2ца, требаше да го искачуваме Митикас, преку зимската патека, прст пред око не се гледаше до домот Giosos Apostolides 2697м, одевме преку гребен што беше замрзнат и во услови на магла ништо не се гледаше, упорно врнеше снег, преладно беше, таман стигнавме до домот свативме дека како и што мислевме дека домот е затворен но делот напред  дека е отворен за вонредни случаи како засолниште, но и тој дел  не пречека со смрзната врата што не се отвара и снег од метро и пол натрупан, таман некако го разбивме ледот, кога стигнвме внатре видовме дека по грешка сме земале летни наместо зимски вреки…спиевме на маси за пинг понг, во екстремно ладни услови, и цела вечер топевме снег како би го ставале во термос во течна форма , па во врека ,за да можеме да се стоплиме…

                15. Брегалнички Портал: Планинарењето знае да биде и опасен спорт. На кои нешта треба да внимава секој планинар- независно дали е почетник или професионалец кога е во судир со природата околу него?

                Даница Стојановска: Апсолутно.  Пред било што а и од лично искуство сметам дека без разлика во каква ситуација да се најде секој треба да се стабилен, приземен и со трезвена глава да размисли за понатамошната постапка зависно од ситуацијата. Временски неприлики и тоа како знаат да се појават на планина па пред се треба да се погледнат временските  услови, магла или силен ветар знаат и те како да бидат опасни на планина кога си на високо и далеку од населено место.  Затоа е битно и опремата да биде, облека во слоеви (водоотпорна јакна, капа, ракавици, во зависност од кое време од годината е, удобни патики/чизми, со себе да се носи челна ламба, астрофолија, храна.

                16. Брегалнички Портал: Колку социјалните мрежи денес може да влијаат позитивно или негативно во афирмацијата на планинарскиот спорт?

                Даница Стојановска: Можат, а мислам и многу дека влијаат. Особено во последниве години планинарењето кај нас гледам дека станува и тренд.  Луге од разни причини идат на планина, и се популаризира активниот животен стил, мотивацијата луѓето да излезат во природа и да истражуваат е супер. Афирмацијата на помалку познати дестинации и места е одлична, промоција на рурални предели исто така, информирање за рути, совети, искуства се некои од позитивните аспекти од влијанието на социјалните мрежи, додека од друга страна негативното влијание е пораст на одредени масовни посети на популарни места, уништување на природата, луге што одат на планина само за слика и лајкови без елементарна свест за екологија и ризици.

                17. Брегалнички Портал: Дали се наоѓаат спонзори (приватни или јавни) кои што сакаат да го поддржат развојот на планинарството во Македонија?

                Даница Стојановска: Се наогаат да, иако малку потешко, сепак се наогаат, тие што знаат да ја препознаат вредноста на спортот како таков, и за афирмацијата општо на здравиот и активен  начин на живот .

                18. Брегалнички Портал: Што ќе им порачате на надлежните институции и функционери во врска со развојот на планинарството во Македонија?

                Даница Стојановска: Пред се да се потрудат планинарските домови да ги средат, и тие што не се во употреба исто така, да ги дадат на прави луѓе и вистински влубеници во планината за раководат со нив, да не се гледа само финанскиската корист од управувањето со домовите. Да вложуваат во зачувувањето и развојот на планинарската култура. Да обезбедат финансиска поддршка за клубовите, како би можеле да се организираат курсеви, едукаци, обуки за на планина, да се погрижат за инфраструктурата, патеките, маркациите, да се направи стратегија за развој, сепак Македонија е земја која изобилува со прекрасни планини, кога целото тоа би функционирало на едно високо ниво  тоа придонесува и за развојот на авантуристичкиот и планински туризам како за нас исто и за странците кои доагаат во посета на нашата земја. Да го сватат планинарството како инвестиција а не како трошок.

                19. Брегалнички Портал: Што ќе им порачате на читателите на нашиот портал како ваша лична порака?

                Даница Стојановска: Да ја истражуваат повеке Македонија, планините се срцето на оваа земја, да излезат од комфор-зоната, да уживаат во природата , таа не е само авантура, туку лек, училиште и инспирација!

                Екстра фото галерија: Планинарски марш на планината Кадиица кај Пехчево 14.05.2020 година

                Креирано од:


                Пренеси го гласот