БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Жените од Тиквешијата со изложба на ракотворби

Пренеси го гласот

“Ракотворбите на жената во Тиквешијата” е насловот на изложбата која беше отворена во Кавадаречкиот музеј.

– “Жената со својата работа дава основна карактеристика на ракотворната дејност, која е присутна во сите фази од процесот на обликување на народните носии и е посебно изразена кај орнаментираните ткаенини. Тие се застапени во бројни варијанти, со најразличен декоративно- орнаментален третман и ликовно-естетски ефект. При изработка и обликување на ракотворбите главното место го имала жената, бидејќи целокупната активност речиси ја имала самата таа, почнувајќи од предавањето на суровините, бојосувањето на преѓата, изработката на ткаенините, конструкцијата на кројот, шиењето, до украсувањето и китењето. Волната, конопот, ленот, памукот, во помала мера и свилата, обработувани на стар традиционален начин, се основните суровини кои имале голема примена за изработка на ракотворбите,

-нагласи Томе Крстевски кој е автор на изложбата.

Жената творец на ракотворбите за изложбата, нагласи тој, преку најразличните мотиви, а со тоа и симболите што ги користи, ни прераскажува дел од својот живот, од раѓањето, бракот и умирачката. Односно, животниот циклус од традицијата на македонскиот народ на етничкиот предел Тиквеш. Ова е наш обид за потсетување на некои минати денови, кога вредните раце на нашите жени везеле, плетеле, ткаеле, во нив ја внесувале тагата, маката, љубовта, радоста и се што го чини животот. Преку вредните раце на жената, со изложбата ве потсетуваме на едно изминато време, во кое тие вложиле труд, но и љубов за да го разубават својот и животот на тие околу себе. Со тоа оставаат траен белег во нашето национално богатство. Допирот на умешните раце на жената создале уникатни дела вредни за восхит и почит. Вистинска убавина е излеана во ракотворбите на жените кои оставаат посебен белег во времето, кој ќе остане засекогаш врежан во нашата историја, да сведочи за македонскиот идентитет. Овие жени се амбасадори, афирматори и презентери на нашето национално, традиционално и историско минато. Неминовно во динамиката на живеењето, современата жена има многу обврски и нема време да ги создава и да ги одржува низ домот. Но, кога ќе се отворат вратите од плакарите, се враќа споменот од минатото, спомен на нашите баби и мајки кои макотрпно ги создавале овие ракотворби”.

– изјави авторот, кустос-етнолог Томе Крстевски кој додаде дека народните носии во Тиквешијата имаат многувековна традиција.

Креирано од:


Пренеси го гласот