Во изминатите денови го доживевме првиот снег и посериозните минусни температури, за после снегот сонцето повторно да си го завземе своето место над главите на овој народ.
На снегот му претходеа виулици, па налегна тивка белина која траеше неколку денови , за потоа небото пак да се отвори и да ги прекрие овие грамадни плеќи распослани од памтивек на лицето на земјата, со светлина како најголема убавина која некогаш постоела.
Таа нова светлина во државата како да донесе придвижување на работите на Македонската политичка сцена.
Доживеавме во Македонија да се распишат и петите Предвремени парламентарни избори. Овој тренд на организирање на предвремени парламентарни избори колку е полезен за Македонските граѓани оставам на историјата да толкува.
Важно е што по правило во Македонија кога има избори се придвижуваат сите останати општествени дејности.
Така
-државните институци се будат од летаргијата;
-државната администрација (барем онаа партизираната од страна на власта) почнува со огромни насмевки на лицето да ги опслужува граѓаните во остварување на нивните права;
-багери почнуваат да копаат канализации, водоводи, улици се асфалтираат…
-фрчат ветувања за вработувања се врши грубо манипулирање на невработените дака ќе бидат вработени во државната администрација која е пред момент на експлозија,
-се корумпира граѓанскиот сектор како продолжена рака на власта итн. итн итн…
Додуша ниските температури и временските услови не дозволуваат работа на терен со градежна оператива до таа мера што граѓаните ќе осетат дека нешто се работи, ама и покрај тоа на одредени места кај најамбициозните претставници на Локалната и централната власт ќе се забележат некои активности за да ја збогатат предизборно лепезата на активности на актуелната власт.
И сето тоа е платено од пари на граѓаните. Или што би се рекло со сопствен камен по своја глава….
Кај и да е ќе почнат каравани од луѓе да врват по зачмаените улички, калливи сокаци, со насмевки на лицата од блесокот кој некако-никако да стигне по овие заборавени маала во градовите и селата.
Дојде време фотелјите да се напуштат и да се доживее вистинската Македонија. Не таа од екраните на телевизиите кои се претворени во “Топ Шоп од Али Експрес”, туку таа Македонија која ја снемува се поинтензивно.
Под дејство на енергијата на овој блесок, пополека почнуваат да се будат и самите граѓани. Па нели Талат рече дека “мандатот е вратен кај граѓаните”?
И оваа изјава се чини дека најсветлиот момент на целокупното владеење на претходната власт. Иако мандатот во современа, модерна, демократска држава е цело време кај граѓаните а не тогаш кога Талат ќе каже. Ама вакви пропагандни пораки веројатно на ваквите оратори им овозможува барем за миг да се почувствуваат важни во функција на хранење на сопственото его.
Нејсе.
Македонија се крева! Обесправена, понижена, преименувана, ограбена, исселена, притисната, уценета, под закана, прогонувана, игнорирана….
Македонија е исправена пред својата иднина.
Алармот е запален, време е за акција.
Во воздухот лебдат отровни стрели кои се почесто завршуваат на буниште. А се насобраа големи купишта на ѓубришта од досегашниот лов во матно во државата.
Време е за проветрување на овој простор, време е за нови луѓе, чисти по совест, чесни по душа. Такви што само Македонскиот народ може да создаде. Достоојни на името МАКЕДОНИЈА. Наспроти сите ветришта и виулици!
Искрено верувам дека оваа исконска мудрост на народот е таа што ќе ги одреди новите контури на иднината.
Републиката тоа е народот!
Пишува: Кирчо Анастасов

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Последниот пишувач на љубовни писма
Алекс Букарски: Последното сонце на михољско лето
Алекс Букарски: Час