БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Кирил Ковчегарски: ЛИСТИТЕ…

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

Ете помина и тоа. Партиите преку овластените претставници ги поднесоа листите со кандидатите за пратеници на следните предвремени парламентарни избори кои ќе се оддржат на 12-ти Април оваа година. Различни коментари, мислења и ставови се искажани деновиве откако беа јавно обелоденети, но како и да е, сега ни останува само да ја проследиме кампањата која поради околностите со Корона вирусот ќе биде поинаква, и секако да го очекуваме исходот од изборниот ден. Јас во оваа колумна ќе се обидам накратко, да го искажам сопственото мислење за листите кои ни ги нудат на овие избори власта и опозицијата. Секако како Малешевец по потекло ќе го искажам и она што го мислам за кандидатите кои доаѓаат од мојот крај.

Во првата изборна единица која во најголемиот дел го опфаќа градот Скопје, во која и јас гласам, ќе се спротистават за СДС(СМ) Никола Димитров (познат ,,шетач,, и давател на своите услуги на сите досегашни власти и партии) потпомогнат од Мила Царовска и Гордана Силјановска-Давкова како натпартиски кандидат за ВМРО-ДПМНЕ. Димитров за мене е виновен за сите понижувања кои ги доживеа Македонија во изминативе три години најмалку исто толку колку што е и неговиот наредбодавач Заев. Самото негово минато и она што го правеше последниве години е доволно за секој кој мисли со сопствена глава воопшто да нема дилеми околу понудениот избор. Професорката Силјановска-Давкова ме воодушеви минатата година за време на претседателските избори со својот интелект, со речитоста, прекрасниот македонски јазик кој го говори и пред се со неверојатната скромност која за мене претставува врвна човекова особина. Се надевам дека и повеќето жители на ИЕ 1 ќе го имаат ова во предвид и ќе направат вистински избор од кој нема да зажалат. Да не дозволиме нас поради погрешно дадениот глас да не стигне клетвата која многу одамна ја има фрлено таткото на еден од кандидатите кон оној кој ќе потпише промена на уставното име! Да му ја оставиме нему!

Втората ИЕ која ги опфаќа другата половина од скопските општини и Куманово за кандидати ги има ,,техничкиот,, Оливер Спасовски во тандем со Лукаревска од УЈП. За ВМРО-ДПМНЕ пак Владо Мисајловски кој е потпретседател на партијата, а веднаш зад него гордата Еврејка од Македонија Рашела Мизрахи. Секако дека сум субјективен, но ве молам, има ли овдека простор за некаква споредба? Да споредуваш предводник на единицата ,,Пајак,, и организаторка на наградни игри (само за да го привлече вниманието и да не и пропадне проектот со Плата +), со еден многу успешен и пред се ефикасен поранешен министер за транспорт и врски, засилен со најновата ѕвезда во македонската политика Мизрахи која за само неколку дена постигна слава што овие другиве со години ја сонуваат е навистина неумесно. Убеден сум дека овде ќе се случи една од поголемите победи на ВМРО-ДПМНЕ.

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Во тројката СДС(СМ) истрча со Љупчо Николовски со соносителката Шахпаска (битолчанка во Берово). За опозицијата честа да биде носител ја има Генералниот секретар Игор Јанушев. Што да се каже? Овде сигурно ќе се случи најголемата разлика во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Верниот исток не греши никогаш. Овој крај за време на владеењето на сегашнава власт остана убедливо нај запустен и заборавен. Иселувањето на жителите е најмалку дуплирано во изминативе три години и доколку се продолжи со актуелната политика која се тера во државата, црно ни се пишува. Поголемиот дел од луѓето на листата на опозицијата лично ги познавам и немам никаков сомнеж дека ќе бидат одлични пратеници кои ќе направат се за овој регион да излезе од ,,заспаноста,, која го има зафатено. Лесно е да се избере кога од другата страна имаш поранешен неуспешен министер кој дури и самата матична партија си го смени под изговор дека им е потребен за внатре во партијата и ЌЕ-пратеничка која за единствен свој успех во изминативе години ги има проектите кои се реализирани, ама само во нејзините мисли. Битно нејзините гласачи во Малешевијата од три страни сонце ги грее, а од четвртата новоотворениот Граничен премин на Клепало. Платите, социјалната помош, пензиите итн. за кои постојано ни говорат дека ги зголемиле, ама во некоја далечната иднина која ЌЕ ни следи, јас нема да ги коментирам. Коментарот ќе им го дадат граѓаните на 12-ти Април. Тогаш најдобро ќе си ги изброиме покачувањата за кои зборуваат и постојано ни ги промовираат.

Во четворката од една страна Заев и Мираковска (родена беровчанка), а од друга Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. За Заев воопшто не сакам да трошам зборови, се е веќе кажано и од мене и од македонскиот народ. Несреќа што не снајде и со чии последици долго ќе мора да се справуваме. Овде енигмата е Мираковска која трча по својот петти мандат и тоа по јубелеен петти пат во изборна едниница од која не потекнува. Навистина не ми е јасно зошто Мираковска ниту еднаш во своите пет кандидирања за пратеник не се појави пред избирачите во ИЕ 3, во својата општина Берово за сограѓаните да имаат можност да го дадат својот глас и да го искажат своето мислење за неа. Или пак, можеби е ептен јасна работата!? Вие што планирате да го поддржите и да му одработите на овој двоец, прашајте ги баровчани, тие најдобро ќе ви одговорат! Опозицијата овде го предложи потпретседателот Николоски, иако постојано доаѓаше провокација до Христијан Мицкоски тука да му се спротистави на Заев. А, зошто не обратно? Зошто Заев не се кандидираше во првата ИЕ каде што живееше и работеше изминативе години? Неисе, нема ни потреба од тоа, Заев нема да може ни потпретседател да победи, а не пак претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Петтата ИЕ ни ги донесе вечната транзициска полиитичарка Шекеринска во тандем со некој си Јован од Струга кој искрено не знам ни како изгледа. Координатор бил во изминатиов состав на СДС(СМ). Од другата страна уставобранителот, светскиот Игор Дурловски како натпартиски кандидат. Што да се каже за Шекеринска, а не е кажано досега, народот и нејзе ќе и каже на 12-ти. За овој другар и Јован што иако постојано пратам Собрание, а не знам ни како изгледа, со самото тоа се е кажано. Овде исто така силно ќе ја осетат казната од македонскиот народ за сето она што го сторија изминативе три години, а Шекеринска за се во изминатите 30 (со букви:ТРИЕСЕТ) години во политиката. Изборот е навистина едноставен и лесен.

Последната или шестата ИЕ, СДС(СМ) како немакедонска партија (ова си е кажување од нивна уста) нормално му ја препушти на својот албански коалиционен партнер БЕСА. Тоа никако нема да ве спаси и зад гласовите на БЕСА нема да можете да го сокриете својот пораз и неуспех. Заедно со нив, ќе бидете победени од Дафина Јовановска која достоинствено и гордо ги претставуваше граѓаните од оваа ИЕ и во досегашниот парламент. Џабе се надевате дека со гласови кои реално не припаѓаат на вашето конто ќе успеете да го избалансирате поразот кој ќе го доживеете во останатите пет изборни единици. Тој ќе биде огромен, изразен во разлика од повеќе пратеници во секоја ИЕ, така што овој пат албанските гласови добиени заради туѓи интереси како во 2016 година нема да можат да ви помогнат.

            Накратко да се осврнам и на реакциите кои допираат до мене околу кандидатите кои доаѓаат од Берово и Малешевијата. За оние на СДС(СМ) немам повеќе што да кажам, тие се отпеана песна и ова ќе им бидат последни мандати на оние што се на добитни позиции. Фајдето од нив го видовме, особено овие години кога ја практикуваат власта. Што се однесува до кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и реакциите дека Берово нема свој претставник за мене се неприфатливи. Како прво, некое големо фајде оти имавме и по неколку пратеници од нашиот град до сега не видовме, секако со по некој чесен исклучок. Второ, Беровци и Малешевци  има на листите и тоа неколкумина. Не мораат тие да се на листата на оваа ИЕ за можат достојно да се залагаат во парламентот за крајот од кој потекнуваат. На листите е Тимчо Муцунски кој и по мајка, и по татко е од Берово и иако живее во Скопје и е на листата во ИЕ1 верувам дека многу, многу, повеќе ќе се залага и ќе направи за овие краишта отколку некој што цел живот живее овде, а кога има можност да стори нешто си тера виша политика и дури се срами да го истакне своето потекло. На листите во ИЕ 3 е и Никола Мицевски кој беше координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и по потекло е од малешевското село Негрево, а Цветанка Каракашевска од Пехчево, исто така достојно ќе не претставува во македонското Собрание. Имав чест на денот на потпишувањето на изјавите за прифаќање на кандидатурите во штабот да го запознаам и полковникот Драган Ковачки кој требаше да биде технички министер во МВР, но СДС(СМ) не го прифати, бидејќи повеќе од очигледно таму не поминуваат способни и докажани луѓе, туку само вечни демагози и ,,трчи-лажи,, политичари. Во краткиот разговор разбрав дека иако е од Делчево, неговото потекло е од с.Митрашинци, и тоа човекот со гордост ми го истакна, како и за пријателите кои ги има од нашите краишта. Повеќе од 100% сум сигурен дека Драган Ковачки како пратеник за Малешевијата ќе стори многу повеќе од било кој од пратениците на досегашната власт. Исто така, тука е и претседателката на УЖ при ОК на ВМРО-ДПМНЕ Делчево, Христина Смилевска, која иако е самохрана мајка скоро три години по казна (затоа што не е со власта) секојдневно е приморрана да оди на работа во АВРМ Берово. И таа изминативе години ги запозна нашите сограѓани и верувам дека доколку има можност за Берово би направила исто колку и за Делчево, особено што разбрав дека и таа има малешевско потекло. За да и се помогне на Малешевијата не мора да се биде пратеник. Ние низ годините сме имале многумина наши сограѓани кои биле дури и на највисоки функции, а ништо не направиле. Дури повеќето од нив го забораваа и се срамеа од своето потекло. Си се знаат самите кои се, а знаеме и ние. Во ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ, освен Тимчо Муцунски, во ИК на партијата е и Димитар Димовски, кој е еден од најблиските соработници на претседателот Мицкоски. Познавајќи го сигурен сум дека тој како локал патриот од некоја позиција во извршната власт доколку има можност ќе направи многу повеќе од сите досегашни транзициски политичари од нашите краишта. Затоа драги мои Беровци и Малешевци, воопшто немојте да бидете загрижени дека нема кој да ги застапува вашите интереси во новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

            Затоа, за време на кампањата и на изборниот ден, силно да застанеме зад победничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ,,За обнова на Македонија,, и да и и го нанесеме најголемиот пораз на оваа коалиција на власта со архаично име ,,Можеме,, кое е синоним за едно старо, но и за не толку старо, но сепак тешко минато време во кое напротив, тие ни покажаа и докажаа, дека ништо не знаат и НЕ МОЖАТ.

Пишува: Кирил Ковчегарски,

Адвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ

Креирано од:


Пренеси го гласот
HTML Image as link Интернет портал за афирмација на земјоделието
An image from Squarespace