Прв пат кога го слушнав предлогот да се отвори македонски културен центар,,Јосип Броз ТИТО” во Софија сметав дека е сатирична вест. Но кога се уверив дека ѓаволот ја однесол шегата, не можев да се начудам на оваа забегана идеја на нашата власт. Но уште повеќе на молкот на Друштвото на писатели, МАНУ, интелектуалците, професорите по литература, па и целиот слободоумни народ…
Немам ништо против ликот и делото на Јосип Броз Тито, но тој не е човек од културата. Исто како што не се ни Ванчо Михајлов, а ни Царот Борис, па макар и III, со чии имиња некој забегани божем ширачи на култра од наша и бугарска страна сакаа да отворат културни центри во Битола и Охрид! Молњевитата и енергична реакција на прогресивните сили во Македонија подржани од ДПМ, МАНУ, од граѓаните без разлика на вера и нација и од скоро сите политички партии ја спречи оваа голема бламажа, како бугарска така и наша!
Јас дури повеќе би одобрил да отвориме во Бугарија центар со името на мојата комшија Маца Трендафиловска која кога не готви јадење и не му ги пегла пантолоните и кошулите на комшијата, кришум од него пишува поезија. Сега она што таа ги пишува не е ни на ниво на дете од прво одделение, ама жената се труди. Па дури од разни страни на земјава и светот добива златни плакети, први места за современа поезија,нпа дури има и сто награди за животно дело! Среќа што тоа вешто го крие од комшијата, ако тој дознае за тоа жива ќе ја запали сосе плакатите за животно дело.
За разлика од неа другар ми Тито не напишал ниту една! А можел, на пример додека се возел со ,,Синиот воз” или бродот ,,Галеб”. Ако ништо друго можел да и напише една таква песна на Јованка. Кога можела Маца на нејзиниот сопруг да му пишува
,,Те сакам како што славејот
си ја сака славејката.
Те сакам како ластовичот
си ја сака ластовичката,
а штркот штрчицата…”
Значи, ако Тито ја сакал културата ќе напишеш барем една песна, ќе насликал каков таков портрет на Јованка, или ќе научел да свири барем еден инструмент.
Значи, отварањето на културен центар среде Софија и тоа со името на човекот кој нашите соседи го сметаат за диктатор е само провокација од страна политичарите на земја членка на ЕУ, кон земја аспиранти за членство. А тоа на пример може да го потикне популарниот Васко Жабата да го попрска со бензин и да го запали тој центар и после наместо со точак од местото на злосторството да побегне со електричен тротинет, без да помисли дека сите, па и тој треба да штедиме струја. Исто како што Ламбе Алабаковски јавно кажа дека ако во Битола се отвори културен центар ,,Ванчо Михајлов”, тој пред очите на сигурносните камери ќе го попрска со бензин и ќе избега со точак, а можеби и со електричен тротинет! Ама не му се исполни таа закана бидејќи нашите власти отворено како земја членка на ЕУ им кажаа на аспирантите за членство – Бугарија, дека со ваквиот чин тие сами си ставаат вето. Море и ќе престанеме да им даваме македонски пасоши за да одат да рмбат по Европа и да купуваат и регистрираат дрндави коли на македонски таблички. Дури и ќе побараме во нивниот Устав да влезат милиони Македонци со име презиме, место на живеење и при секоја промена на адресата, тие да го отвараат Уставот и да ги бележат промените. Што мислат тие туку така се влегува во ЕУ. Европа е ова, а не Украина, па да влегува таму кој сака и кога ќе му се присака. Па макар тоа биле американците кои се шетаа по лабораториите како по автобуски станици, или пак Русите кои исплашени за својата безбедност влегуваат таму вооружени до заби. Па мораше ние на Русија да и ставаме санкции, дури и по цена да измрзнеме зимава сите до еден. Подобро да замрзнеме како чувари на светскиот мир отколку да се криеме под јорган планина.
Но да се вратам на отварањето на културниот центар ,,Јосип Броз Тито” во срцето на Софија. Ни сам не знам како стигнавме до таму, меѓу разгневените топли народ кои сите до еден викаа:
,,Подобро гроб отколку европски роб”
И сите носеа факели за да го потпалат тој злогласен културен центар, спремни никогаш да не влезат во ЕУ, дури и по цена цел живот да јадат корен, па макар и своите.
Цела Бугарија беше дигната на нозе, на чело со своите политички првенци, кои беа во првите редови за да му докажат на народот дека конечно озогласениот диктаторот Јосип Броз Тито, ќе гори среде Софија, како што гори веќе десетици години во пеколот, а лаже дека пред извесно време ја примил во својата онојсветскиот резиденција Бриони, кралицата Елизабета Втора, без да го покани Царот Борис Трети и да побара обезбедување од Ванчо Михајлов.
Наеднаш кон нашата кола почна да доаѓа толпа луѓе со факелии во рацете. Сигурно некој не наклеветил си помисливме сите. Не залудно Гоце Делчев велел дека не познава друг народ што толку многу страдал од своите како ние македонците.
И тамам почнаа да ги фрлаат факелите кон нас, почна нешто силно и упорно да ѕвони. Јас целиот се потресов, рипнав како попарен и потрчав кон вратата.
За првпат не го пцуев оној што со упорното ѕвонење ме разбуди, туку тргнав кон вратата во знак на благодарност што ме спаси жив да не изгорам да го поканам на кафе, но и да побарам да ми биде побратим.
Пишува: Mile Gjorgjijoski
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Македонија, ЛЕЛЕ!
Штетничката влада на СДСМ и ДУИ донела противуставен закон кој во критичен момент ја поништува октроираното судство за да се продлабочи кризата во предизборна година
Како СДСМ повторно сака протестите на граѓаните да ги искористи за сопствени политички цели?