Деновиве сведоци сме на ескалација на ситуацијата на Косово и Метохија која може да прерасне во ограничена мала војна. Ескалацијата е резултат на неисполнувањето и непочитувањето (пред се од страна на Косово) на Бриселскиот споразум од 2013 година, како и неисполнувањето на договорот кој што Белград и Приштина го подпишаа минатата година во Вашингтон. Последната ескалација говори за нефункционалноста на ЕУ, која што нема механизми за да ја принуди пред се Приштина да го спроведува Бриселскиот договор. Надворешната политика на ЕУ е неефективна, и ЕУ не може сама ништо да реши во своето двориште.
Приштина пред некој ден донесе одлука според која што сите возила кои што влегуваат на Косово и Метохија од централна Србија ќе треба да стават времени косовски регистарски таблички. Одлуката предизвика ескалација на ситуацијата на терен, па србите кои што живеат на северот на Косово направија барикади на административните прелази помеѓу Косово и Србија.
Приштина како одговор ги испрати специјалните полициски сили и припадниците на армијата со оклопни возила, за да ги тргнат барикадите. Но србите не се повлекуваат и не ги тргаат барикадите. На административната граница поддршка за србите се специјалните полициски и армиски единици на Србија.

Во интервју за ALJAZEERA, премиерот на Привремените институции во Приштина, Албин Курти, изјави дека т.н. „Косово и Албанија се економски и географски комплементарни, што би им помогнало на граѓаните од двете страни на границата доколку, како што наведе, дојде до спојување.“
На административната линија помеѓу Србија и Косово и Метохија вчера беше присутен српскиот министер за одбрана, во придружба на Амбасадорот на Русија, Генерал од руската армија, како и генерали и офицери од српскиот генералштаб. Ова е јасна порака до Приштина, Брисел (Берлин и Париз) и до Вашингтон.
Интересна е реакцијата на Москва и на Пекинг, тие отворено го поддржуваат официјален Белград во обидот да ја врати контролата над својата територија. Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров изјави дека „Доколку Србија интервенира на Косово, Србија може да смета на целосна поддршка од Русија“.
„Во случај на погром, чекаме 24 часа да реагира НАТО, инаку Србија ќе реагира сама“ – Вучиќ. Србија нема да дозволи да се случи погром врз српското население како во 2004 година.

Говорејќи вечерва на српската национална телевизија, Вечиќ објасни дека Белград не испраќа војници на Косово бидејќи тоа е спротивно на „Кумановскиот договор“ од 1999 година и едноставно се обидува да го зачува мирот.
До започнувањето на погромот, рече претседателот, Белград не само што внимателно ја следи ситуацијата, туку и го снабдува српскиот народ на Косово со се што му е потребно. Вучиќ истакна дека посетата на амбасадорот на Руската Федерација Александар Ботан-Харченко на контролниот пункт Јариње ја покажува поддршката на Русија за територијалниот интегритет на Србија.
Вучиќ обрати посебно внимание на лицемерието на Западот, кој ги затвори очите за испраќањето на косовските специјални сили со оклопни возила на административни гранични премини со Србија – но истиот тој Запад беше револтиран кога Србија прераспредели војници на нејзина територија, блиску на административната граница со Косово или ги подигна борбените авиони и хеликоптери во воздух.
„Седум дена на Запад не беа возбудени, но беа возбудени кога Србија покажа дека нема да дозволи погром против нејзиното население на Косово. Мислеа дека се шегувам “, рече Вучиќ.
После последната ескалација конечно се активираше Западот, пред се НАТО и Германија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 26 септември 2021 година твитна на Твитер: „Разговарав со претседателот Александар Вучиќ од Србија и премиерот Албин Курти од Косово за потребата од деескалација на северот на Косово. Од витално значење е и Белград и Приштина да покажат воздржаност и да се вратат на дијалог. Мандатот на НАТО за Косовските сили (КФОР) останува да обезбеди сигурна и безбедна средина и слобода на движење за сите “.
Германската директорка за Западен Балкан, г -ѓа Сузан Шец на 26 септември 2021 година на Твитер: „Секоја провокација на границата со Косово со Србија мора да престане. Ги повикуваме двете страни да деескалираат и да се сретнат што е можно поскоро.
Србија е спремна за воена операција на Косово
Според некои експерти сега е идеалната шанса Белград да покаже заби и да изведе ограничена воена операција на северот на Косово, и да се реваншира за 1999 година. Во Германија сега се избори, Франција е во конфликт со Вашингтон и Лондон, додека пак САД се насочуваат целосно кон судирот со Кина. Турција е зафатена со Сирија, Ирак, Кипар, Либија. На НАТО ќе му треба време да донесе одлука и евентуално да реагира, додека пак на Белград му се потребни неколку денови за да влезе на Косово и без борба да воспостави контрола на линијата по реката Ибар, односно Косовска Митровица – Подуево. Генералштабот на српската армија има разработено неколку воени операции и сценарија за спроведување на ограничена хируршка операција на северот на Косово, и српската армија, полиција и безбедносен сектор е спремен во краток рок да ја спроведе операцијата, доколку политичкиот и воениот врв на Србија даде зелено светло за таква операција. Над административната граница денес летаа српски авиони МиГ-29СМТ и Ј-22 Орао во полна борбена готовност. Србија формираше потенцијални ударни групи, составени од тенковски и моторизирани единици (современите тенкови Т-72МС, борбените оклопни транспортери Лазар, борбените оклопни возила Милош), поддржани од пешадија плус специјални единици (72 бригада за специјални операции, 63 падобранска бригада) и артилерија во длабочина (Гвоздика, самоодните хаубици од 155мм Нора Б-52, хаубиците Д-30, ракетните фрлачи М-87 Оркан и М-77 Оган). Ударните групи се заштитени од мобилни ПВО системи, а поддршка од воздух би им пружале многофункционалните борбени авиони МиГ-29СМТ, Ј-22 Орао, ударните кинески дронови CH-92A, борбените јуришни хеликоптери Ми-35М, како и транспортните хеликоптери Ми-17 и Airbus H145M.

За разлика од моќната и модернизирана српска армија, која што во последните години учествуваше во воени вежби и со Русија и со САД и НАТО, и стекна богато и непроценливо искуство, Косовската армија и безбедносни сили не располагаат со реална воена сила која би и пружила отпор на српската армија на северот на Косово. Припадниците на косовските безбедносни сили се опремени со лесно пешадиско оружје, како и со ограничен број на воени транспортери, но тие немаат никаква артилериска поддршка, како и поддршка од воздух.
Но најверојатно Белград нема да се реши на таква операција, и се ќе се заврши со покажување на воени мускули и сила на административната граница, а Брисел и Вашингтон ќе ја притиснат Приштина да се повлече. Плус Западот може да и стави болни економски санкции на Србија. Но факт е дека нерешениот статус на Косово не може уште долго да се влече, и дека истиот може да експлодира.
Фото извор тука.
Пишува: Тодоровски Дарко
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Карл Јунг – патот преку поучни приказни, како дел од неговата книга „Сеќавања, соништа, рефлексии“
Општина Карбинци ги затвора сите депонии низ општината
Општина Штип е една од најштедливите општини во државата