Со симболичното патување на релацијата Зелениково – Нова железничка станица Скопје денеска официјално беше пуштена во функција првата фаза од проектот „Градски воз“, со кој периферните населени места и општини се поврзуваат со централното подрачје на Скопје. На промоцијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, раководствата на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“ градоначалникот на Град Скопје и дел од скопските градоначалници.

Вицепремиерот Александар Николоски истакна дека ова е почеток на реализацијата на визија за поефикасен јавен превоз, поголема мобилност и подобра заштита на животната средина.
“Реализацијата на градскиот воз е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се реализираат проекти и е уште поголем доказ, дека нешто што пред две години се сметаше за заборавено и напуштено, а тоа е железничкиот превоз, еве после две години се враќа во превоз. Ако пред две години имавме напуштени и девастирани пруги, железнички станици кои што беа затворени и се распаѓаа, возови кои што не работеа и бројни композиции лежеа на македонските пруги, еве денеска после две години имаме јасен и активен карго превоз, а од вчера веќе имаме и градски воз”- истакна Николоски.

Тој посочи дека Владата го исполни ветувањето дека првата фаза од градскиот воз ќе започне на 1. септември и порала што повеќе граѓани и млади да го користат во секојдневието.
“Ветивме дека првата линија ќе почне на 1 септември и така се случи, се надевам дека ќе ја користат многумина, се надевам дека многу ќе помогне и на учениците и на средношколците, на сите оние кои што сакаат навреме да стигнат на своите работни места, пензионерите и ќе ја користиме сите ние”- рече заменик претседателот на Владата.

Николоски на крајот упати благодарност до премиерот Мицкоски, посочувајќи дека реализацијата на вакви проекти значи и реализација на идејата на првиот човек на државата, а тоа е Македонија да стане инфраструктурна крстосница на Балканот.
“Со реализацијата на Коридорите 8 и 10 и со реализацијата на вакви проекти, Македонија навистина станува раскрница на Балканот”- потенцираше вицепремиерот Александар Николоски.
Извор: Министерство за транспорт


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Делегација на МВР учествуваше на 15. конференција на ИНТЕРПА во Доха, Катар
Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники
По измените во проектната документација – продолжуваат градежните активности на Домот за стари лица во Кочани