БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Во Делчево е присутна општествена бомба која под превезот на медиумски мрак експлодира секојдневно на штета на Делчевчани

Во сенките на кулисите на секојдневниот живот кој што наликува на идилична летаргија според медиумската не-експонираност на проблемите на граѓаните во Делчево (читај периферијата на државата) се кријат безброј "сеништа" кои што секојдневно го уништуваат животот на поединци. Станува збор за социолошкиот феномен и ефекти од наглото осиромашување на граѓаните во контекст на севкупните општествени состојби кои што се одразуваат врз секој еден поединец: млад, возрасен, маж, жена, деца, имотни и помалку имотни....
Пренеси го гласот

Овој коментар се однесува и за останатите помали населени места во периферијата на државата.

Претходно напомнав кај причините зошто ќе ги направам сите напори за опстојување на Брегалнички.мк дека во изминатите 10тина денови до мене пристигнаа потресни сведоштва на граѓани на Делчево за проблеми со кои се соочуваат а кои што проблеми водат директна генеза во она што го државата стимулира (свесно или несвесно) за своите жители.
НЕРВОЗАТА и НАРУШЕНОТО МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ е само последнното скалило после кое следува ФИЗИЧКОТО НАСИЛСТВО.

Три случаи на директно насилство кои што остануваат невидливи во јавноста се случиле изминатите недели во Делчево.
Нема да зборувам за поединости и детали за овие случаи, поради комплексноста на случаите и барање на укажувачите, но моја лична должност како граѓанин е да алармирам за причините кои доведуваат до вакви последици.

БЕЗЗАКОНИЕТО кое што во изминатите повеќе години е присутно во Македонија е една од тие причини чии што “плодови на демократија” денес се случуваат помеѓу граѓаните. Селективноста во спроведувањето на законите е уште поголемо беззаконие кое што особено има земено замав во Делчево. Секој граѓанин не е еднаков пред институциите на системот и оттука ДИСКРИМИНАЦИЈАТА на луѓето е втората причина за она што денес е видлив општествен кошмар за граѓаните на Делчево. Дискриминацијата не е само политичка! Таа е возрасна, социјална, интелектуална, здравствена, местимична… Аргументи за ваквото тврдење се присутни насекада за оние кои што сакаат и имаат храброст да ги видат.

Протекционизмот како радикална гранка на дискриминацијата е во полн замав кој што е дефиниран и стимулиран од надворешни центри на моќ за поделби во општественото ткиво во Македонија. Максимата “Раздели па владеј” моментално во Македонија го “живее” својот целосен интензитет спроведувана токму со таа цел за која што кажува самата. Македонските граѓани полесно да бидат владеени против нивните интереси и граѓанска волја.

ЛЕГАЛИЗИРАН ГРАБЕЖ е она што би го навел како трета причина за ваквата состојба во која преживува она малку Македонци што останаа под ова парче Македонско небо.
Јавноста постојано е сведок на брутално и дрско разграбување на она што се нарекува јавна сопственост на државата т.е. граѓаните на оваа држава. Исто така не се потребни да наведувам примери затоа што ваквите примери се секојдневие за секој еден поединец на секој агол од неговиот живот.

МЕДИУМСКАТА РЕПРЕСИЈА И ПРОПАГАНДА е четвртата причина која остава свој значаен удел во лошиот стандард за живеење на граѓаните. Поделбите, меѓусебните пресметки, нелојалната конкуренција, протекционизмот на моќни центри за контрола во сферата на медиумите ги прават постоечките медиуми орудија за наметнување репресија и лош животен стандард за јавноста т.е. граѓаните. Колку етаблирани медиуми познавате на истокот од Македонија? Или пак на северо-истокот од државата, или пак било каде на периферијата на државата? На прсти се бројат медиуми кои што ги застапуваат интересите на граѓаните во вистнска смисла на зборот без своја задна агенда! И тоа не е случајно! Ваквите “пазарни услови” на постоење на медиумска конкуренција се стимулираат со цел! А целта е повторно контрола на индивидуалецот во интерес на оној кој ги “поседува” медиумите.

ПАРТИЗАЦИЈАТА и ПРЕТРУПУВАЊЕТО НА СЛУЖБЕНИЧКИОТ АПАРАТ на државата се само рефлексија кои што отсекогаш ги имало, и дури сега се засенети со останатите погоре наведени причини за катастрофалниот лош живот на граѓаните.

За стопирање на надолниот тренд на деградација на Македонското општество е потребно секоја од овие причини засебно да биде таргетирана и третирана од секој еден граѓанин кој што посакува добро за себеси, своите најблиски, својот град и држава. Решението за подобрување на состојбите во сферите на наброените причини е индивидуална борба на секој поединец во Делчево и насекаде низ Македонија.

Тоа е нашата нова современа МАкедонска револуција.
Во жарот на таа борба ќе се препознаат сојузниците кои што се борат за заедничкото добро. Колку побргу се налепи меѓу себе критична маса на луѓе кои што заеднички ќе изнајдат решение за наброените проблеми, толку побрги ќе му тргне на Делчево и на државата напред!
До нови победи на разумот над беззумието….

ПС. Споменатите индивидуални немили случаи кои што допреа до мене во изминатите 10 тина денови беа мој тригер да продолжам со мојата борба за подобар живот на околината како би си го подобрил животот за самиот мене и моите најблиски.

Пишува: Кирчо Анастасов

Креирано од:


Пренеси го гласот